Новитети
Aceman e првиот електричен кросовер од Mini – резултат од соработката со Great Wall
Aceman ќе биде поставен на електрична платформа и е резултат на заедничкото вложување на Mini со кинескиот производител Great Wall.
Mini ќе лансира мал кросовер позициониран под моделот Countryman, кој ќе биде произведуван во Кина, а ќе содржи специфичен избор на материјали.
Новиот концепт претставен од британскиот бренд го најавува дизајнот на моделите на Mini во следните неколку години.
Aceman нема многу заеднички елементи со слично именуваниот Paceman, кој беше претставен пред една декада, па дисконтинуиран во 2016, а всушност беше изведба на Countryman со три врати.
Сега Aceman има 4 врати, комплетно електричен погон, а инженерите гордо нагласуваат дека во моделот нема елементи од хром, ниту пак од кожа.


Според најавите, продукцискиот модел ќе изгледа безмалку идентично како концептот. Тоа значи дека ќе остане осмоаголната решетка со осветлена рамка во предниот дел, како и долгиот кровен спојлер.
Сепак, некои елементи веројатно ќе претрпат промени. На пример, кај концептот се забележуваат портокаловите надворешни звучници кои се поставени таму каде што вообичаено се наоѓаат отворите за воздух кај моделите со мотори со внатрешно согорување. Ќе биде интересно да се види дали тие ќе останат и кај сериското производство.
Aceman е долг 4.05 метри, 1.99 метри широк и 1.59 метри висок. Нема простор за багаж под хаубата – тука се поставени електричниот мотор и електрониката.
Концептот е претставен со 20-инчни шестокраки бандажи кои се спојуваат во централно поставена триаголна форма.

Кон крајот на кровот, долгиот спојлер има задача да ја намали турбуленцијата, да го подобри коефициентот на отпор на воздухот и следствено да ја зголеми автономијата.
LED предните светла на Aceman креираат интересно светлосно шоу штом возачот се приближи до автомобилот. А откако ќе влезе внатре, ентериерот воопшто не потсетува на традиционалниот Mini ентериер од ерата на моторите со внатрешно согорување.
Во кабината доминира централно поставениот OLED екран. И како и кај останатите нови модели, класичните копчиња сѐ помалку се присутни во ентеирерот. Кај Aceman има три прекинувачи поставени во централната конзола. Едното од нив е за стартување на автомобилот, а останатите две се за трансмисијата и за избор на специјален режим на возење. Тука е и класичниот ротирачки елемент за контрола на звукот.
Сѐ уште нема податоци за капацитетот на батеријата и силата на електричниот мотор. Aceman ќе биде поставен на електрична платформа и е резултат на заедничкото вложување на Mini со кинескиот производител Great Wall. Целта на соработката со оваа кинеска компанија беше да се отвори пат за влез на кинескиот пазар.