Вести
Alfa Romeo најави „важен камбек“ во Женева, фановите сонуваат за големо роденденско изненадување
Јасно е дека на штандот на Alfa Romeo ќе доминираат освежените Giulia и Stelvio, но дали Италијанците ќе изненадат со враќање на сцената на имиња како 8C или GTV е најактуелната тема во моментов меѓу автомобилските фанови
Alfa Romeo годинава прославува 110 години од своето постоење, а покрај тоа што италијанскиот бренд најави многу настани со кои ќе го одбележи значајниот јубилеј, ќе биде дел од Саемот во Женева каде можеби ќе приреди и големо изненадување.
На ваква помисла наведува денешната најава на брендот кој преку социјалните мрежи објави тизер видео во кое најавува „важен камбек“, нешто што веднаш ја распали фантазијата на „алфистите“ кои посакуваат лансирање на нов модел уште на почетокот на следниот месец.
Јасно е дека на штандот на Alfa Romeo ќе доминираат освежените Giulia и Stelvio, но дали Италијанците ќе изненадат со враќање на сцената на имиња како 8C или GTV е најактуелната тема во моментов меѓу автомобилските фанови. Сепак, ова е најнереално сценарио со оглед на фактот што овие модели иако претходно најавени, беа елиминирани од планот за моделските освежувања на почетокот на оваа деценија.
Постојат шпекулации и дека Alfa во голема тајност подготвила GTA изведба на Giulia, но на крајот може да излезе дека моторот кој се слуша на видеото е 2.9-литарскиот V6, кој ќе го добијат и освежените Giulia и Stelvio во Quadrifoglio изведбите кои би дебитирале токму во Женева. Во оваа варијанта, најмногу што може да изненади Alfa Romeo e да додаде уште некоја коњска сила на досегашните 510 кај автомобилите со детелина со четири листа.
Ентузијастите последни ќе се откажат од можното пријатно изненадување, па останува да видиме дали Alfa Romeo во Женева ќе испорача уникатен роденденски подарок за своите фанови.
?sound onSee you at #GIMSSWISS.
Posted by ALFA ROMEO on Saturday, February 22, 2020