Slide 1

Стории

Apple планира да го надгради CarPlay со поддршка за контрола на сите функции во автомобилите

Slide 1

IronHeart е најголем проект на Apple од воведувањето на CarPlay во 2014, но можно е да наиде на отпор кај производителите на автомобили.

08/10/2021

Компанијата Apple, чиј CarPlay интерфејс веќе се користи од страна на милиони возачи низ светот за контролирање на музиката, навигацијата и телефонирање, планира да ја прошири својата застапеност во автомобилите.

Компанијата работи на технологија преку која ќе може да се пристапи до поголем број на функции во автомобилот, како што е контролата на клима уредот, брзинометарот, радиото и поместување на седиштата. Иницијативата, која се развива под кодно име “IronHeart”, сè уште е во рана фаза, а за нејзино имплементирање ќе биде потребна согласност и од автомобилските производители.

Овој проект уште еднаш во фокусот го става фактот дека автомобилите може да бидат дополнителен извор на приходи за технолошкиот гигант – дури и доколку одлучи да не започне сопствено производство на автомобили.

И додека развојот на Apple автомобил е проследен со низа потешкотии, како што беше заминувањето на клучни лидери на тимот во други компании, Apple продолжува со развојот на CarPlay. Оваа функционалност им овозможува на возачите да ги поврзат своите ајфони со возилото, по што, преку екранот на автомобилот можат да пристапат до дел од функционалностите на својот телефон. Седум години по воведувањето, CarPlay е присутен во автомобилите на речиси сите автомобилски производители.

IronHeart треба да го одведе CarPlay едно ниво погоре. Системот ќе може да пристапи и да контролира голем број на функции и сензори кои вклучувааат:

  • Податоците за надворешната и внатрешната температура, како и влажноста на воздухот
  • Различни температурни зони, системи за одмрзнување на стаклата и клима уредот
  • Сетинзи за контрола на звучниците
  • Електронско поместување на седиштата
  • Брзинометар, тахометар, информации за нивото на гориво во резервоарот и комплетната инструмент табла

Apple, во свој стил, сè уште не ги коментира ваквите најави.

Преку обезбедување на пристап до контрола на инструментите во возилото, Apple планира да го претвори CarPlay во интерфејс преку кој може да се контролира целиот автомобил. Податоците ќе може да се користат од Apple или други компании за да креираат апликации и функционалности, како во случајот со AppStore.

Проектот добива на значење, со оглед на тоа што дел од тековните корисници на CarPlay изразуваат негодување поради потребата за постојано менување помеѓу CarPlay и интерфејсот на производителот, преку кој се контролираат најголем дел од функциите. Со ваквите унапредувања, овој процес ќе стане многу пофункционален.

Иницијативата е слична на пристапот на Apple во однос на технологијата која е присутна во домовите. Apple има апликација на своите телефони преку која може да се контролираат апаратите за домаќинство, како што се телевизори, фрижидери, термостати, безбедносни камери и слично.

IronHeart е најголем проект на Apple од воведувањето на CarPlay во 2014, но можно е да наиде на отпор кај производителите на автомобили. Голема е веројатноста тие да не сакаат да ја отстапат контролата на клучните функционалности во своите автомобили. И покрај тоа што CarPlay е достапен во повеќе од 600 различни модели на автомобили, неколку проекти лансирани од Apple во изминативе неколку години, не беа прифатени од автомобилската индустрија.

Во 2015, Apple започна да им дозволува на производителите на автомобили да развиваат нивни апликации за CarPlay преку кои ќе може да се пристапи до радиото, GPS и контрола на клима уредот. Од пред две години е овозможено CarPlay да се имплементира и на дополнителни екрани во возилото, како и на дигиталната инструмент табла. Минатата година беше претставена CarKey, функција за отклучување на возилото со ајфон или Apple Watch, како и функционалност за упатување на електричните возила кон станици со брзи полначи, во ситуациите кога ајфон ќе биде поврзан со електричен автомобил.

Но, автомобилските производители најчесто се резервирани при додавање на ваквите функционалности. Само неколку модели имаат можност за контролирање на клима уредот и радиото преку CarPlay. Имплементацијата на CarPlay на дополнителен екран е подджана од само неколку брендови, меѓу кои Volskwagen и дел од моделите на BMW.

Веќе подолго време Apple има поддршка за имплементирање на Siri, со што преку гласовни команди би можело да се пристапи до одредени функционалности, но оваа можност, за чие функционирање беше потребна апликација од автомобилските производители, веќе е дисконтинуирана од iOS 15, најновата верзија на оперативниот систем на Apple.

Некои производители, како што е Tesla, негодуваат на соработката со Apple и Google и планираат да развиваат свои инфотејнмент системи во иднина. Ford има големи сопствени планови во равојот на своја технологија. Неодамна во нивниот тим премина Даг Филд, поранешен главен инженер во Tesla, и лидерот на проектот на Apple во развојот на сопствен автомобил.

Дел од автомобилските групации веќе имаат договори со Google за имплементирање на Android Automotive платформата која целосно ќе ги замени нивните инфотејнмент системи. Брендовите на групацијата Stellantis од 2023 година ќе започнат да го импленетираат Android Automotive во своите модели, а имплементацијата веќе ја започнаа Volvо и Renault преку електричниот Megane.

Од друга страна, автомобилските производители ризикуваат да предизвикаат негодување од фановите на Apple преку фокусирање на свои системи кои нема да бидат компатибилни со телефоните на технолошкиот гигант. Овој факт може на долг рок да ги направи пофлексибилини во прифаќање на технологијата на Apple.

Што се однесува до иницијативата на Apple за развој на сопствен автомобил, по заминувањето на Филд во Ford, компанијата за директор на тимот за Apple Car го назначи Кевин Линч, кој дотогаш го водеше одделот задолжен за Apple Watch. 

Иако до лансирањето на Apple автомобил ќе поминат повеќе години, посветеноста на компанијата на овој проект се илустрира преку ангажирањето на неколку луѓе од врвниот менаџмент на Tesla, како и Улрих Кранз, поранешниот директор за електрични возила на BMW.

Slide 1
Slide 1
Slide 1
Slide 1
Slide 1
Slide 1

Најнови содржини

Renault ќе го замени Kadjar со Austral – нов компактен SUV кој ќе има и плаг-ин хибридна изведба
Караван изведбата на Opel Astra ќе атакува на позицијата на Skoda Octavia – бестселерот во сегментот во Европа
Porsche во 2024 ќе ги лансира новите батерии со силициумски аноди и 10 пати поголема енергетска густина
Stellantis ја зголеми автономијата на електричните модели на Opel и Peugeot преку нови пневматици од Continental