Slide

Стории

B-SUV сегментот минатата година ја зголеми разликата во пазарен удел во однос на Б сегментот

Slide

Лидер во "B SUV" сегментот е VW T-Roc, кој ја предводи листата пред Dacia Duster. Доколку се земат предвид сите сегменти во Европа за минатата година, овие два модели завршија на третата, односно на деветтата позиција.

10/02/2023

Предводени од VW, Daciа и Peugeot, малите SUV модели забележаа 1.89 милиони продажби во 2022, додека во сегментот на електрични модели, најголем раст имаат моделите на Tesla, Fiat и Mercedes.

Сегметот на мали SUV возила (B-SUV сегмент) се зацврсти на позицијата најпродаван сегмент во Европа во 2022 година, зголемувајќи ја разликата со возилата од Б сегментот, што дефинитивно го потврдува трендот за промена на вкусовите на потрошувачите кои сѐ повеќе ги прифаќаат новите каросериски изведби во форма на SUV.

Според податоците од Dataforce, предводени од Volkswagen, Dacia и Peugeot, малите SUV модели забележаа продажба од 1.89 милиони возила во 2022, што претставува 1.4 проценти зголемување споредено со 2021.

Зголемувањето на продажбата во сегментот, иако делува незначително, сепак е постигнато во услови кога вкупната продажба во 2022 година забележа пад за 5.7% споредено со 2021 година.

Лидер во “B SUV” сегментот е VW T-Roc, кој ја предводи листата пред Dacia Duster. Доколку се земат предвид сите сегменти во Европа за минатата година, овие два модели завршија на третата, односно на деветтата позиција.

Голем учинок за растот на продажбата во сегментот има и Toyota Yaris Cross, кој придонесе со 110,000 продажби, и ја зазеде четвртата позиција, веднаш зад Peugeot 2008.

Што се однесува до “B” сегментот, тој забележа пад од 13%, што делумно е и последица не само на промените на вкусовите на потрошувачите, туку и на пренасочувањето на ограничените производствени капацитети кон попрофитабилните модели.

Во овој сегмент, лидер е Peugeot 208, кој воедно е и еден од ретките модели со раст на вкупните годишни продажби, со што го надмина и VW Golf, на патот кон титулата “Бестселер за 2022 година во Европа”.

Но, освен 208, безмалку сите останати модели во овој сегмент забележаа намалување на продажбата. Најголем пад има кај Renault Clio, кој се продаде во 50,000 примероци помалку споредено со претходната година. Се очекува дополнително намалување на продажбата во сегментот и во тековнава година, што сигурно ќе биде позабележително со дисконтинуирањето на Ford Fiesta, која минатата година ја заврши на деветтата позиција.

Интересна е анализата и на премиум сегментот. Имено премиум C-SUV сегментот забележа раст од 20%, со што го надмина премиум B-SUV сегментот. Тука најголемо влијание имаше силната побарувачка за Tesla Model Y.

Овој модел, кој во Европа пристигнуваше од фабриките во Берлин и Шангај, воедно е и најпродаван премиум модел во Европа со 137,895 продадени примероци, споредено со “скромните” 26,627 продадени примероци во 2021 година.

За споредба, продажбата на Model Y беше двојно поголема од онаа на второпласираниот модел во сегментот, Mercedes-Benz GLC. 

Пазарното учество на електричните модели во премиум SUV сегментот изнесуваше 41%, споредено со 14-те проценти учество на електричните возила во вкупната продажба во Европа минатата година.

Уште еден популарен електричен модел беше Audi Q4 E-tron, кој беше втор најпродаван во категоријата со 28,796 примероци, што претставува зголемување од 56% споредено со претходната година.

Трендот на поголема застапеност на електричните возила во вкупната продажба кај поскапите сегменти, се потврдува и кај луксузниот сегмент кога се во прашање седан каросериските изведби, каде електричните возила имаат пазарен удел од дури 55%. Тука лидер е Porsche Taycan, по кого следат двата електрични модели на Mercedes: S-Class и EQS.

Slide
Slide

Најнови содржини

Продажбата на електрични изведби во сегментот на мали SUV возила стагнира поради намалените субвенции во дел од европските држави
Според Лука де Мео, строгата Еуро 7 норма ќе ја врати автоиндустријата назад кон инвестиции во мотори кои немаат иднина
Автомобилските производители продолжуваат со пренамена на своите фабрики во Обединетото Кралство и покрај промените во регулативата
Во првите 8 месеци од годината, VW Group и Tesla ја предводат електрификацијата во Европа