Стории
Bentley во 2021 оствари рекордна продажба од 14,659 возила, а просечната цена по возило порасна на 212,000 Eвра
Во Bentley во моментов работат 4,300 вработени, споредено со 5,500 во 2020 година. Направени се промени и во бројот на добавувачи, чиј број е значително намален, од приближно 1,000 пред две години, на само 110 во 2022 година.
Вкупните глобални продажби на Bentley во 2021 година достигнаа историски рекорд. 14,659-те испорачани возила минатата година му помогнаа на 103-годишниот бренд да го зголеми профитот.
Освен тоа, во првиот квартал од годинава, просекот на цената по испорачано возило порасна на 212,000 Евра, споредено со 184,000 во првиот квартал од минатата година.
“Што се однесува до профитот и продажбите, се надеваме дека оваа година нема да биде исклучок. Ние остваруваме профити од лансирањето на Continenntal GT во 2018 година, но тие не беа на ниво на профитите на конкурентите”, изјави 59-годишниот Адриан Холмарк, извршен директор на Bentley.
Но, успехот на брендот не дојде случајно. Производителот успеа комплетно да ја реструктурира компанијата. Тие успеаја да ги намалат за 25% часовите потребни за производство на еден автомобил, а очекуваат тие да се намалат за уште дополнителни 10%.
Тоа предизвика намалување за 1/4 на трошокот за производство, споредено со оној пред три години.
Од друга страна, како што спомнавме, просечната продажна цена по продадено возило е покачена за 10 до 15%.
“Ние успеавме да произведеме повеќе од 15,000 возила и тоа со истиот број на вработени кои една година претходно произведоа 11,000 возила”, додава Холмарк.
Производителот успеал да заштеди на трошоците без да направи компромис во квалитетот на производството. “Претходно искористувавме само 45% материјалите од кожа, а ја користиме најскапата кожа на планетата. Успеавме тој процент на искористеност да го подигнеме на 60%, преку промени во системот на контрола. Тоа прави голема разлика бидејќи едно парче кожен материјал чини околу 230 Евра, а во секое возило се вметнуваат околу 10 до 15 вакви парчиња од кожни материјали.”
Во Bentley во моментов работат 4,300 вработени, споредено со 5,500 во 2020 година. Направени се промени и во бројот на добавувачи, чиј број е значително намален, од приближно 1,000 пред две години, на само 110 во 2022 година.
Со ваквата реорганизација, Bentley е подготвен за развој и лансирање на својот прв електричен модел најавен за 2025 година.
Но, извршниот директор најавува дека тие нема да се фокусираат на остварување на најголема автономија или најагресивно забрзување. “Возбудата при забрзување од 0-100 km/h за 2.4 секунди е одлична, но само првите десетина пати. Потоа станува непотребна”, вели Холмарк. “И послабите забрзувања се всушност покорисни, а секако се работи за рапидно забрзување”.
Во однос на автономијата, менаџментот на Bentley очекува во 2027 или 2028 година автоиндустријата да го достигне 4-тото ниво на автономно управување.
Ова не е проблем за Bentley чии клиенти сакаат да ги возат нивните модели. Според Холмарк, само 4-5 проценти од нивните клиенти користат професионални возачи, останатите самите ги управуваат своите возила.
Сепак, британскиот производител ќе биде подготвен за автономното управување уште со првиот електричен модел. Тој ќе биде опремен со еден или два LiDAR уреди, па во однос на хардверските компоненти ќе биде подготвен кога софтверскиот дел ќе биде на висина на задачата.
Во изминатите неколку години, некоклу конкуренти најавија дека ќе се репозиционираат во пазарниот сегмент каде што е Bentley. Холмарк им посакува среќа: “Но, кога велам ‘со среќа’ тоа го мислам сериозно. Доколку го земете примерот на Range Rover, основната цена на последните три генерации порасна за 15 до 20%, но исто така, порасна и нивниот обем на продажба. Претходната генерација воопшто не се софпаѓаше со ценовната поставеност на Bentayga. Но, сега имаме 80% софпаѓање. Дали ние треба да ги покачиме цените? Можеби. Доколку ова репозиционирање им успее и луѓето размислуваат за купување на Range Rover за 150,000 фунти, тие сигурно ќе го погледнат и Bentayga и ќе одлучат”.
Според Холмарк, единствена слабост на ценовната политика е тоа што ценовната разлика помеѓу нивните модели е само 30,000 до 40,000 евра.
Но производителот не планира да прави крупни промени во ценовната политика и пазарната поставеност. Холмарк потврдува дека тие не планираат да ги достигнат нивоата на цени на Rolls-Royce, ниту пак планираат да се свртат кон спортските автомобили како што тоа го прави Ferrari. “Ние произведуваме луксузни возила кои се користат секојдневно”.