Вести
BMW ја пролонгира новата генерација на Mini поради неизвесните ефекти од Брегзит
Германската групација внимателно ја следи ситуацијата, но исто така не сака да влегува во нови инвестиции во фабриката во Оксфорд без да знае какви ќе бидат условите за тргување со ЕУ
BMW го стопирал процесот на развивање на следната генерација на Mini поради Брегзит, односно поради неизвесноста за тоа како ќе се одвива економската соработка меѓу Велика Британија и Европската Унија.
Германската групација внимателно ја следи ситуацијата, но исто така не сака да влегува во нови инвестиции во фабриката во Оксфорд без да знае какви ќе бидат условите за тргување со ЕУ, посебно што новите еколошки норми и процесот на електрификација дополнително ги зголемуваат сумите кои треба да се потрошат за производство на новата генерација.
Откако го презема британскиот бренд, BMW произведе три генерации на класичниот Mini и неговите изведби, а актуелната последна генерација беше претставена во 2014 година. Претходно Германците лансираа нова генерација на околу шест години, но сега фановите на брендот очигледно ќе мора да почекаат подолго за ново издание на култниот автомобил.
– Ако тарифите се меѓу о и 5 проценти, тоа нема да има големо влијание врз нашите активности, – изјави пред некое време Оливер Ципсе, првиот човек на BMW, индиректно потврдувајќи дека поголеми давачки ќе ја променат позицијата на производителот во однос на фабриката во Оксфорд и можеби ќе го зголемат капацитетот на фабриката во Холандија.
Автомобилските производители сакаат да ја зголемат својата профитабилност и да бидат подготвени за трансформацијата која е претставена од електрификацијата, а речиси сите премиум брендови најавија период во кој сериозно ќе бидат скратени дел од досегашните трошоци.
Според официјалните бројки, во 2018 година во фабриката во Оксфорд се произведени 234.501 примерок на Mini, додека во фабриката во Холандија се произведени 211.660 примероци, но покрај Mini, Mini Convertible и Mini Countryman, во оваа бројка се вклучени и произведените примероци на BMW X1.