Skip to content

Вести

Бристол ќе биде првиот британски град со забрана за дизел автомобилите

Радикалниот план на градските власти доаѓа поради сериозниот проблем на Бристол кој никако не може да го намали загадувањето со NOx (азотни оксиди) и веќе два пати го проби рокот на британската влада за надминување на дозволените бројки

07/11/2019

Градските власти дадоа зелено светло за предлог законот со кој Бристол веројатно ќе стане првиот британски град во кој ќе биде забрането движење на возила со дизел мотор.

Останува предлогот да добие одобрување на централната власт, но медиумите тврдат дека постојат големи шанси забраната на Бристол да започне според планираното, односно на стартот на 2021 година.

Тоа значи дека во периодот меѓу 7 и 15 часот, во центарот и голем дел од неговото опкружување пристап ќе немаат дизел возилата на приватните сопственици, додека за такси возилата, комерцијалните возила и автобусите ќе се плаќа за дневен пристап до овој реон.

Радикалниот план на градските власти доаѓа поради сериозниот проблем на Бристол кој никако не може да го намали загадувањето со NOx (азотни оксиди) и веќе два пати го проби рокот на британската влада за надминување на дозволените бројки. Со забраната се очекува до 2025 година да се добие ефект кој ќе го избрише Бристол од списокот на проблематични градови.

Локалните власти ќе се грижат за спроведување на законот со помош на системот за препознавање регистерски таблички, кој веќе го употребува полицијата во Лондон.

По оваа најава, реагираше и британската Асоцијација на автомобилски производители и трговци, според чии претставници, законот воопшто не е фер кон сопствениците на автомобили.

– Инволвираните во авто-индустријата сакаат да ги видат сите градови, вклучувајќи го и Бристол, како ги исполнуваат еколошките таргети и ќе продолжат да инвестираат во уште понапредна технологија за да се заштити животната средина. Сепак, овој закон пропушта да направи разлика меѓу модерните возила и оние користат технологија од пред неколку децении, со што ги поткопува обидите да се влијае на намалувањето на загадувањето.

– Она што ни треба во моментов, се поголеми инвестиции за субвенционирање на возила кои имаат ниска емисија, а меѓу нив се и дизелите со Euro 6 норма, кои се чисти како никогаш досега, – вели Мајк Хоус од „SMMT“.

 

Најнови содржини

Slider
Slider
Slider
Slider
Slider

Send this to a friend