Slide

Новитети

CX-30 е интересен избор кој ќе и донесе нови фанови на Mazda

Slide

Skyactiv архитектурата на CX-30 подразбира дека Mazda испорачува уште еден автомобил со возни карактеристики со кои ќе биде на врвот на својата класа, а овој модел ќе биде достапен и со I-Activ погонот на четири тркала

30/09/2019

Дел од конкуренцијата можеби делуваше поекспедитивно во процесот на зголемување на SUV понудата, но Mazda реши трпеливо да го гради концептот кој ќе претставува автомобил поставен меѓу актуелните CX-3 и CX-5.

Реалниот производ е веќе промовиран и го доби името CX-30 (Mazda веќе го користи името CX-4 со модел за кинескиот пазар), а претставува уште една дизајнерска мајсторија на јапонскиот производител кој се претплати на производство на SUV модели со уникатен стил.

Со компактни димензии и основа од компактот Mazda 3, CX-30 подразбира комбинација на робустност и купе силуета, што пак зема мал данок во однос на просторот за глави на задната клупа, како и кај багажникот со капацитет од 430 литри.

Ако некаде Mazda постојано се издвојува во однос на ривалите и успева да изнуди позитивен впечаток, тоа е ентериерот и начинот на кој ги спојува минималистичкиот концепт и квалитетните материјали. Новиот CX-30, покрај со другите квалитети, ќе ја оправдува својата цена и со уредувањето на внатрешноста како сегмент на кој Јапонците внимаваат посебно, a модерната архитектура е испреплетена со мал број класични команди, комбинација на аналогна и дигитална технологија на инструмент таблата и централен 8,8-инчен екран поставен на врвот на централната конзола.

Skyactiv архитектурата на CX-30 подразбира дека Mazda испорачува уште еден автомобил со возни карактеристики со кои ќе биде на врвот на својата класа, а овој модел ќе биде достапен и со I-Activ погонот на четири тркала. Нешто што сериозно ќе ја издвојува Mazda CX-30 од другите модели во сегментот е уникатниот Skyactiv-X мотор.

Се работи за револуционерен 2.0-литарски бензински мотор, кој во процесот на согорување го користи палењето со свеќичка само во одредени ситуации и на помала смеса, додека останатиот дел се пали под компресија како кај дизел моторите.

Mazda потенцира дека на тој начин моќта на моторот се зголемува за 10 проценти, додека Skyactiv-X моторот е поефикасен од дизел моторот и добива 30 проценти поголем вртежен момент од класичниот Skyactiv-G бензински мотор.

Ова иновативно погонско решение може да соработува со шест-степена мануелна или автоматска трансмисија, како и во „благ“ или плаг-ин хибрид изведба.

На почетокот на продажбата, Mazda CX-30 ќе биде достапна со бензински мотор со 122 и дизел мотор со 116 коњски сили, а возачот на располагање ќе има и голем број безбедносни системи и технологија со која ќе добие порелаксирани моменти зад волан.

Slide
Slide

Најнови содржини

Продажбата на електрични изведби во сегментот на мали SUV возила стагнира поради намалените субвенции во дел од европските држави
Според Лука де Мео, строгата Еуро 7 норма ќе ја врати автоиндустријата назад кон инвестиции во мотори кои немаат иднина
Автомобилските производители продолжуваат со пренамена на своите фабрики во Обединетото Кралство и покрај промените во регулативата
Во првите 8 месеци од годината, VW Group и Tesla ја предводат електрификацијата во Европа