Стории
Директорот на Volvo потврди дека преговара со рудниците за ископ на литиум за директна набавка по пониски цени
Заработката од електричните возила беше загрозена од растот на цените на суровините, особено цената на литиумот, кој е еден од клучните елементи во батериите на електричните возила. (Џим Рован за време на претставувањето на EX90).
Џим Рован, главниот извршен директор на Volvo, на прашањето за бавното имплементирање на стратегиите за електрификација на конкурентите, изјави дека е погрешно да се оди со мали чекори кон електричната иднина, а паралелно да се развиваат модели со мотори со внатрешно согорување.
Паралелното инвестирање во возила со мотори со внатрешно согорување и електрични возила може да предизвика дел од конкурентите да го “промашат пазарниот моментум”, изјави Рован за време на состанокот со акционерите минатата седмица.
Шведскиот премиум производител е еден од најагресивните во индустријата кога е во прашање временската рамка за комплетна електрификација. Имено, плановите на Volvo предвидуваат брендот да произведува само електрични автомобили веќе на почетокот на следната декада.
Volvo уште годинава планира да го прошири своето портфолио на електрични кросовери со два нови модели, а според распоредот, предвидено е да се лансира нов електричен модел во секоја од следните три или четири години.
Годинава ќе започне производството на знаменосецот EX90, а покрај него се очекува да започне и производството на мал кросовер кој ќе биде најдостапниот модел во електричното портфолио на брендот.
Според извршниот директор, агресивната стратегија кон електрификација ќе го постави премиум производителот во подобра почетна позиција да оствари предност во време кога глобално се случува голем раст на побарувачката за електрични автомобили.
“Проблемот со транзициите во индустриите е тоа што ако не инвестирате пред време, ќе го промашите моментумот и нема да бидете подготвени кога пазарот ќе се промени”, додаде тој. “Затоа ние инвестираме пред да се случат пазарните промени”.
Според продажните податоци, продажбите на електричните возила минатата година забележале раст на годишно ниво од 72%, со вкупна глобална продажба од 7.97 милиони возила. Со таа бројка електричните патнички возила успеале да заземат безмалку 10% пазарно учество во вкупната продажба.
Што се однесува до Volvo, електричните возила заземаат 11% од вкупните глобални продажби на брендот минатата година, споредено со 4-те проценти во годината пред неа. До 2025 година, менаџментот на Volvo планира пазарното учество на електричните возила во структурата на продажбата да изнесува 50%.
Сепак, во остварување на овие цели, производителот, како и останатите, се соочува со предизвици. Имено, заработката од електричните возила беше загрозена од растот на цените на суровините, особено цената на литиумот, кој е еден од клучните елементи во батериите на електричните возила.
“Тоа е можеби единствената значајна пречка која ни стои на патот кон целосен премин кон електрични возила”, изјави Рован. “Ископувањето на литиумот и ограничените капацитети за негова обработка ја покачуваат неговата цена”, додаде тој.
“Ние сме во преговори со рудниците и фабриките за негова обработка за да си овозможиме директен пристап до литиумот по попредвидливи цени”, додава Рован.
Двете најавени електрични возила за оваа 2023 година ќе го удвојат бројот на електрични возила во гамата на шведскиот производител, а ќе овозможат и природно зголемување на нивниот пазарен удел во структурата на продажбата на брендот.
Знаменосецот EX90 е поставен на нова платформа развиена од страна на Volvo. Овој голем SUV ќе биде достапен со два мотори, погон на двете оски, а цената при лансирањето би требало да започнува од околу 80,000 Евра. Моделот ќе има батерија со капацитет од 111 kWh, 496 hp и автономија од безмалку 500 километри со едно полнење на батеријата.
Според директорот на Volvo, почетната заинтересираност за моделот е далеку над нивните очекувања. Сепак, за жал понудата оваа година ќе биде прилично ограничена, бидејќи производството ќе започне кон средината на четвртиот квартал.
Помалиот кросовер, кој веројатно ќе биде именуван со ознаката EX30, според Рован “ќе донесе нова демографска група на клиенти на брендот”.
Моделот ќе биде позициониран под компактните кросовери XC40 и C40. Овој модел ќе се произведува во Кина, од страна на сопственикот на Volvo, кинески Geely.