Ferrari го исполни своето ветување за премиера на целосно нов модел на средината на ноември, па вечерва се појавија првите официјални фотографии во пресрет на утрешната презентација.
Автомобилот ќе биде познат како Ferrari Roma и е веќе петти нов модел (по F8 Tributo, F8 Tributo Spider, SF90 Stradale и 812 GTS) кој годинава го претстави италијанскиот бренд од Маранело.
Roma e купе со 2+ (дополнителни две мали седишта) конфигурација, со 3.9-литарски V8 мотор поставен напред кој испорачува дури 620 коњски сили и максимален вртежен момент од 760 Nm кои ќе ги постигнува меѓу 3.000 и 5.750 вртежи во минута.
Вртежите се испорачуваат на задната оска преку осум-степена DCT трансмисија, а забрзувањето до 100 км/ч трае 3,4 секунди.
Ferrari Roma ќе биде автомобил долг 4.656 и широк 1.974 милиметри, а неговата тежина е најавена со 1.472 килограми (200 килограми полесен од Portofino).
Roma e помоќна изведба од најблискиот роднина Portofino, a ќе биде дел од GT изведбите на Ferrari заедно со GTC4 Lusso.
Во семејството на Ferrari, моделот Roma ќе донесе нова димензија за купувачите, а производителот го најави со слоганот „Долче вита“, алудирајќи на стилот на живот кој го карактеризирал Рим во 50-те и 60-те години од минатиот век.