Стории
Е-Expert, ванот на Peugeot добива изведба со водороден погон, за чие надополнување се потребни само 3 минути
Процесот на полнење (под притисок од 700 бари) на трите резервоари за водород, кои се лоцирани во подвозјето и се со вкупен капацитет од 4.4 килограми, би требало да трае три минути.
Следејќи го примерот на останатите ванови од Stellantis групацијата, Peugeot Expert од септември годинава ќе биде достапен и со погон на водород.
По Opel Vivaro-e Hydrogen, Stellantis групацијата го претстави и вториот ван со погон на водород. Тоа е Peugeot E-Expert Hydrogen, кој е безмалку идентичен со сестринскиот модел на Opel, а ќе биде придвижуван од истиот електро-водороден плаг-ин хибриден погон. Овој комбиниран систем се состои од три главни компоненти: водороден погон кој го претвора водородот во електрична енергија, потоа литиум-јонска батерија со капацитет од 10.5 kWh и секако, електромотор.
И двата ванови се поставени на групациската EMP2 платформа. Трите резервоари со вкупен капацитет од 4.4 килограми се сместни во подвозјето. Од нив водородот оди кон водородниот погон кој се наоѓа под предниот спојлер.



Во близина на водородниот погон се наоѓа и електромоторот со сила од 100 kW / 136 hp и максимален вртежен момент од 260 Њутн метри, кој ја придвижува предната оска.
Достапни ќе бидат три режими на возење: Eco – (при што се користат максимум 60 kW / 82 hp и 190 Nm), Normal (до 80 kW / 109 hp и 210 Nm) и Power (целата сила и максималниот вртежен момент).
Процесот на полнење под притисок од 700 бари на трите резервоари за водород, кои се лоцирани во подвозјето и се со вкупен капацитет од 4.4 килограми, би требало да трае три минути.
Полнењето, пак, на батеријата би траело околу еден час. Батеријата учествува со 50-тина километри во вкупната автономија од 400 километри според WLTP стандардот.
Погонот примарно користи енергија од водородниот погон, најчесто при возење со рамномерна брзина. Во одредени возни услови, во процесот се вклучува и батеријата која е лоцирана под возачкото седиште.
При стартување и при мали брзини, E-Expert Hydrogen ќе го придвижува само батеријата, но при забрзување или возење по угорници, електромоторот ја добива силата од двата енергетски извори. При рекуперација, добиената енергија се складира во литиум-јонската батерија.
Исто како и кај Opel, Peugeot E-Expert Hydrogen ќе биде достапен со две должини (4.95 и 5.30 метри).
Товарниот волумен (до 6.1 кубни метри) е сличен како и кај изведбите со мотори со внатрешно согорување, исто како и товарниот капацитет од 1 тон. Тој е нешто помал споредено со дизел и електричните изведби, кои имаат 1,275 килограми товарен капацитет.
Кај E-Expert Hydrogen направени се модификации на шасијата, па зголемен е клиренсот за 40 милиметри.
Овие изведби лесно ќе ги препознаеме по уникатната решетка на ладилникот, како и 17-инчните тркала.
Изведбите со водороен погон ќе бидат комерцијализирани на крајот на летово, но за почеток ќе се нудат само на флотни клиенти во Франција и Германија, преку директни продажби.
Самиот процес за производство не беше едноставен за организација од страна на Stellantis. Имено, возилата најпрво ќе се произведуваат во фабриката во Валенсиен, Франција, а потоа компонентите на водородниот погон ќе се вградуваат во Риселсхајм, фабриката каде Opel ги развива и произведува овие водородни компоненти.