Стории
Европа доцни со инфраструктурата, нашите соседи на дното според бројот на полначи
Анализата вели дека 75 проценти од полначите се поставени во само четири европски земји (Холандија, Франција, Германија и Велика Британија), кои инаку опфаќаат 27 проценти површина од континентот
Европската Унија ги форсира автомобилските производители да се насочуваат кон забрзување на фазата на електрифицикација и ги заострува нормите во однос на автомобилите со мотори со внатрешно согорување, но истовремено земјите членки заостануваат на полето на инфраструктурата за полнење.
Токму малиот број полначи е најголема анти-реклама за плаг-ин хибридите и пред се електричните автомобили, а производителите уште минатата година преку својата асоцијација ACEA побараа поддршка од владите на сите европски земји.
Најновиот извештај на ACEA покажува дека иако бројот на полначи значително се зголемил во 2019 година, инфраструктурата не го прати напредокот на производителите кои ја збогатија понудата, а во дел од земјите ситуацијата е алармантна.
Анализата вели дека 75 проценти од полначите се поставени во само четири европски земји (Холандија, Франција, Германија и Велика Британија), кои инаку опфаќаат 27 проценти површина од континентот.
Холандија има над 1.000 пати повеќе полначи од Кипар, само еден од седум полначи е брз полнач (22 kW или повеќе), а ACEA вели дека дел од државите пријавуваат полначи и кои не се доволно достапни за возачите.
Споредбено во однос на вкупните бројки, последните три години бројот на продадени автомобили кои користат полнач се зголемил за 110 проценти, додека бројот на полначи пораснал само за 58 проценти.
Најмногу полначи има во Холандија (50.824), Германија (40.517) и Франција (30.367), додека најмалку во Кипар (38). Во неповолна позиција се и возачите кај нашите соседи, па така во Бугарија има 135 полначи, додека во Грција се инсталирани само 61 полнач. Во двете земји вкупно има 110 брзи полначи.