Вести
Европската продажба со нова негатива, август под влијание на WLTP ефектот
Во првите осум месеци на 2019 година, од големите европски пазари напредок има само во Германија (+ 0,9%), додека најголем пад бележи Шпанија (-9,2%)
Продажбата на нови автомобили во земјите од ЕУ+ЕФТА во месец август бележи пад од 8,4 проценти, а дел од брендовите забележаа и двоцифрен пад на испорачаните примероци, – објави Европската асоцијација на автомобилски производители (ACEA).
Бројките наведуваат на заклучок дека падот е сериозен, но експертите појаснуваат дека покрај фактот што август традиционално е послаб продажен месец пред се во медитеранските земји, на сцена стапил и анти-WLTP ефектот, како последица на август во 2018 година.
Тој календарски месец беше одбележан со поголем раст во пресрет на воведувањето на WLTP регулативата, па сега производителите мора да се соочат со негативни бројки во споредба со тоа што се случуваше пред една година. Сепак, генерално 2019 година не е позитивна, бидејќи на годишно ниво падот на продажбата изнесува 3,2 проценти и досега се продадени 10.520.238 примероци.
Во првите осум месеци на 2019 година, од големите европски пазари напредок има само во Германија (+ 0,9%), додека најголем пад бележи Шпанија (-9,2%).
Кај брендовите, најголем пад во август доживеа Nissan (-47,3%), Renault продал 38,2 проценти помалку автомобили, а двоцифрена негатива од поголемите брендови имаат и Fiat и Volkswagen. Во премиум друштвото позитива забележија Mercedes (13,4%), Volvo (+9,2%) и Lexus (+28,6%).