Вести
Европските автомобилски производители остварија рекордни профити во 2022, лидер е BMW
BMW забележа најголема нето добивка, вкупно 18.6 милијарди евра, по што следува Stellantis со 16.8 милијарди евра, VW со 15.8 милијарди евра и Mercedes со 14.8 милијарди евра. (Оливер Зипсе, извршниот директор на BMW за време на годишното обраќање.)
Повисоките продажни цени овозможија зголемување на добивката на најголемите автомобилски групации во Европа и покрај тоа што во 2022 година не се забележа раст на бројот на продадени автомобили.
Шесте најголеми европски автомобилски производители и групации, помеѓу кои се BMW Group, Mercedes-Benz, Renault Group, Stellantis, Volkswagen Group и Volvo Car, забележаа 22% зголемување на добивката во 2022 година, споредено со 2021 година.
Овие шест групации забележаа вкупна добивка од 67.8 милијарди евра. Најголем дел од нив отпаѓаат на најголемите четири групации. BMW забележа најголема нето добивка, вкупно 18.6 милијарди евра, по што следува Stellantis со 16.8 милијарди евра, VW со 15.8 милијарди евра и Mercedes со 14.8 милијарди евра.
Сепак, резултатите на BMW не се комплетно споредливи со оние на останатите автомобилски производители. Имено, минатата година во рамки на групацијата се прикажуваат и резултатите на кинеското заедничко вложување BMW Brilliance, со оглед на фактот што минатата година BMW го зголеми својот удел од 50 на 75%.
Според BMW, најголемиот раст во прикажаната добивка е резултат на оваа промена во прикажувањето.
Volvo Car, групација во сопственост на кинескиот Zhejiang Geely Holding, забележа недо профит од 1.6 милијарди евра, додека Renault забележа мала загуба од 700 милиони евра, по затворањето на руската дивизија, AvtoVAZ.