Slide

Стории

Фабриките на Renault, Mercedes-Benz, VW Group и Stellantis во Русија ќе имаат негативни ефекти од санкциите

Slide

Што се однесува до продажбата, минатата година во Русија се продадоа 1.66 милиони возила, што претставува раст од 4.3 проценти.

01/03/2022

Санкциите кои се наметнати кон Русија од страна на САД и ЕУ и останатите земји може да имаат негативен ефект врз најголемите автомобилски производители, вклучувајќи ги Renault Group, Volkswagen Group и Stellantis. Сите три групации имаат значително присуство во Русија.

Renault Group има најголема присутност бидејќи е доминантен сопственик на AvtoVAZ, производителот на брендот Lada, бренд кој е најпродаван во Русија. Освен големата фабрика на AvtoVAZ во Тољати, Renault има уште една фабрика во близина на Москва. 

Од друга страна, Русија е вториот најголем пазар на Renault Group, веднаш зад Франција.

“Имаме голем интерес во однос на рускиот пазар” – изјави Лука де Мео, извршниот директор на Renault, нагласувајќи дека 90% од продажбата на Lada е во Русија. Тој додаде дека најголем дел од компонентите се од локални добавувачи, што би требало да го олесни функционирањето и во време на санкции.

Иако Renault Group има најголемо присуство во Русија, голем број од останатите европски производители имаат фабрики и значителни продажби во земјата. Доминантно присуство имаат и групациите VW Group и Stellantis, кои имаат фабрики во градот Калуга.

Калуга, град кој се наоѓа во истоимената област, на околу 180 километри југозападно од Москва, во изминатава деценија стана центар на руската авто-индустрија. Помеѓу поголемите добавувачи кои имаат фабрики таму се и Continental, Magna и Visteon.

Фабриката на VW Group во Калуга ги произведува моделите VW Tiguan и Polo, како и компактниот седан Skoda Rapid. Но, во истата фабрика се произведуваат и мотори, а се доработуваат и моделите Audi Q7 и Q8. Вкупното производство минатата година изнесуваше 118,000 возила, а годишниот производствен капацитет за мотори со внатрешно согорување изнесува 150,000.

VW Group има и договор со GAZ за производство на модели на Volkswagen и Skoda, во фабрика во Нижни Новгород.

VW инвестираше повеќе од една милијарда евра во фабриката во Калуга, која стартуваше со работа во 2007, додека вкупните инвестиции за деловните активности во Русија надминуваат 2 милијарди евра.

Што се однесува до Stellantis, новоформираната групација e косопственик на фабрика во Калуга, заедно со Mitsubishi. Изминатиот месец Stellantis објави дека наскоро ќе започне во Европа да увезува ванови кои се произведени во фабриката.

Фабриката започна со производство на ванови во 2017 година за тогашната PSA Group, која пред една година се спои со Fiat Chrysler Automobiles, при што се формираше денешната Stellantis. Фабриката во моментов прозведува ванови за Peugeot, Citroën и Opel.

Помеѓу останатите автомобилски производители кои имаат активности во Русија се и следните:

Mercedes-Benz, кој инвестираше повеќе од 250 милиони евра за изградба на фабрика северозападно од Москва, каде се произведуваат седанот E-Class и SUV модели. Фабриката, во која работат над 1,000 работници, започна со работа во април 2019 година.

BMW уште од 1999 има фабрика за доработка на дел од своите модели во Калининград. Фабриката ја раководи компанијата Avtotor. Пред две години беше напуштена идејата за изградба на фабрика за комплетно производство на автомобили.

Ford Motor, кој преку фабриката во Сант Петерсбург, во 2002 стана првиот автомобилски производтел од Европа/САД кој отвори фабрика во Русија, се повлече од Рускиот пазар во 2019 година. Ford, исто така, ги затвори двете фабрики за производство на возила, како и фабриката за производство на мотори. Во моментов Ford произведува ванови во Елабуга, но преку руски партнер – компанијата Sollers.

Што се однесува до продажбата, минатата година во Русија се продадоа 1.66 милиони возила, што претставува раст од 4.3 проценти. Дури пет од 10-те најпродавани модели се оние на Renault Group, вклучувајќи го моделот Lada Vesta на првата позиција, со 113,698 продадени примероци. 

Според пазарниот удел, Renault-Nissan-Mitsubishi (вклучувајќи го AvtoVAZ) има удел од 38 проценти. Само на AvtoVAZ отпаѓаат 22.4 проценти. Hyundai-Kia имаат пазарен удел од 19 проценти. VW Group има 9.5 проценти, додека Toyota-Lexus – 8.6 проценти.

Најдобро продавани премиум брендови се BMW, со 46,800 продадени возила, Mercedes со 43,011; Lexus со 19,362 и Audi со 16,404

Slide
Slide

Најнови содржини

Mercedes ќе го намали бројот на дилерствата, во процесот на транзиција кон агенциски модел на продажба
Volkswagen започна да прима нарачки за електричниот ван ID. Buzz, првите испораки – на есен
Презентација на 10 електрифицирани модели од Opel и Peugeot – два од брендовите на Stellantis групацијата
Mercedes за електричната G-Class ќе користи нови батерии со силициумски, наместо графитни аноди