Новитети
Ferrari SF90 Spider – 1.000 коњски сили под отворено небо
Автомобилот кој ќе биде познат како SF90 Spider ќе ги добие истите технички карактеристики и предиспозиции на купе изведбата, но главен специјалитет ќе му биде подвижниот тврд покрив, кој ќе овозможи малку повоздубливи авантури
Моделот SF90 Stradale го заработи приматот на најмоќен Ferrari модел во историјата, а сега во гамата од Маранело се приклучува и неговата „отворена“ изведба.
Автомобилот кој ќе биде познат како SF90 Spider ќе ги добие истите технички карактеристики и предиспозиции на купе изведбата, но главен специјалитет ќе му биде подвижниот тврд покрив, кој ќе овозможи малку повоздубливи авантури.
Тврдиот покрив на Ferrari дебитираше кај моделот 458 Spider во 2011 година, па оттогаш постојано еволуира, за и сега кај SF90 да добие понапредни карактеристики во однос на звучната и други видови изолација.
Покривот ја исполнува командата за спуштање или подигнување за само 14 секунди, а благодарение на алуминиумската конструкција е за 40 килограми полесен во однос на класичните покриви кои се употребуваат кај други модели.
Наследството од SF90 Stradale подразбира и тоа дека SF90 ќе биде прв плаг-ин хибрид во Spider семејството на Ferrari, а V8 бензинецот и двата електро мотора испорачуваат фантастични 1.000 коњски сили. Во комбинацијата влегува и 8-степена трансмисија со двојка спојка, преку која се дистрибуира вртежен момент од максимални 1.200 Nm, како и 7,9 kWh батерија со автономија на електричен погон до 24 километри.
Ентериерот е преземен од SF90 Stradale со минимална адаптација на одредени елементи, што подразбира луксузен и спортски амбиент, со иновативен волан со команди на допир, хед-ап проекција и 16-инчен централен екран.