Вести
Ferrari во судски спор за правата на името Purosangue
Иако е најавен за 2022 година, луксузниот спортски SUV однапред го доби името кое се очекува да се користи за изведбата за сериско производство, но одговорните во Ferrari наидоа на неочекуван проблем откако дознале дека тоа име веќе го користи непрофитабилна организација од Италија
Италијанскиот производител Ferrari ќе се обиде судски да го добие правото на користење на името Purosangue (чистокрвен), кое е предвидено за првиот SUV модел на брендот од Маранело.
Иако е најавен за 2022 година, луксузниот спортски SUV однапред го доби името кое се очекува да се користи за изведбата за сериско производство, но одговорните во Ferrari наидоа на неочекуван проблем откако дознале дека тоа име веќе го користи непрофитабилна организација од Италија.
Се работи за здружение кое работи во насока на спречување и помош против допинг во спортот, а кое сега ќе треба да се одбрани во судскиот спор кој го отворил Ferrari во судот во Болоња.
Одговорните од хуманитарната организација велат дека е повеќе од јасно дека досега го користеле името за повеќе настани, а дури имаат соработка и со Adidas, но исто така знаат дека ги очекува сериозна битка за правата бидејќи од другата страна на спорот ќе биде моќниот Ferrari.
Судењето е најавено за следниот месец, а доколку Ferrari не успее да докаже дека треба да го има екслузивитетот на терминот Purosangue, ќе мора да избере ново име за својот SUV модел.
Инаку, Италијанците пред неколку дена официјално потврдија дека во 2019 година првпат продале над 10.000 примероци од своите актуелни модели и заработката од календарската година достигнала 3,8 милијарди евра.