Вести
Fiat претстави луксузна Panda со Trussardi потпис
По повеќе од 7,5 милиони продадени примероци и лидерска позиција во сегментот од 2003 година, Panda заслужи ваков третман, а потписот на Trussardi е интересен начин на соработка меѓу двата гиганта
Безвременската Fiat Panda годинава е лидер според европската продажба во сегментот на мали автомобили, а италијанскиот бренд и натаму ги истакнува нејзините уникатни способности, кои сега ги искомбинира и со сериозна доза луксуз.
Во продажните салони ќе биде достапна Fiat Panda Trussardi, првото луксузно издание на моделот, кое покрај големата практичност и функционалност, сега станува и идеален партнер за посета на луксузен ресторан.
По повеќе од 7,5 милиони продадени примероци и лидерска позиција во сегментот во Италија од 2003 година, Panda заслужи ваков третман, а потписот на Trussardi е интересен начин на соработка меѓу двата гиганта.
Fiat Panda Trussardi се разликува во однос на класичниот модел преку специјалниот избор на бои и дизајнерски елементи, посебно подготвен ентериер, црни кровни носачи, 15-инчни тркала и елементи со потписот на Trussardi.
Во однос на погонската единица, Panda Trussardi ќе го користи 1.2-литарскиот бензинец со 69 кс. или 0.9-литарскиот TwinAir бензински мотор со 85 коњски сили и може да биде на погон на две или четири тркала.