Новитети
Fiat најави камбек на Scudo и Ulysse, кои ќе бидат достапни и како комплетно електрични изведби
И двата модели ќе бидат достапни и како комплетно електрични изведби со 100 kW и 260 Nm електричен погон кој ќе може да се комбинира со една од двете батерии со капацитет од 50, односно 75 kWh.
Големата групација Stellantis продолжува да ги користи бенефитите на заедничките платформи кај повеќе модели од брендовите кои ја сочинуваат. Најавени се уште два нови члена на големото семејство на ванови во групацијата, овој пат со логото на Fiat. Во Peugeot моделите кои се поставени на EMP2 платформата се именувани како Traveler и Expert, во Citroën – Jumpy и Spacetourer, во Toyota (иако е надвор од групацијата, нејзините модели се поставени на платформата на PSA) – Proace и Proace Verso, додека кај Opel тие ги носат ознаките Zafira Life и Vivaro.
Отсега на списокот може да се додадат Fiat Scudo и Ulysse. Форматот и позиционирањето кај двата нови модели се идентични како и кај сестринските. Fiat Scudo е комерцијално возило и ќе биде достапно во три каросериски изведби (Van, Combi и Cab). Ulysse е патничката верзија, која ќе има неколку конфигурации за седење кои ќе овозможуваат сместување за 6 до 9 патници.
Добро познатите погонски изведби на сестринските модели ќе бидат достапни и кај Scudo и Ulysse. Во однос на моторите со внатрешно согорување, достапни ќе бидат дизел мотори со сила помеѓу 102 и 177 hp. И двата модели ќе бидат достапни и како комплетно електрични изведби со 100 kW и 260 Nm електричен погон, кој ќе може да се комбинира со една од двете батерии со капацитет од 50, односно 75 kWh. Автономијата со едно полнење ќе биде помеѓу 230 и 330 километри, во зависност од избраната батерија.
Fiat Scudo и Ulysse веќе беа произведувани на заедничка плаформа со моделите на PSA групацијата во периодот помеѓу 1994 и 2012 година. Сега старо-новите партнери во рамки на Stellantis групацијата повторно соработуваат и во овој сегмент. Моделите на Fiat ќе бидат произведувани во Франција, во фабриката нa PSA во Хордаин.
Цените и конкретните датуми на комерцијализација сè уште не се познати. Во однос на Scudo, најавено е започнување на нарачки за поголемите пазари кон крајот на годината, додека за Ulysse, започнувањето со нарачки се планира за првиот квартал на 2022 година.