Вести
Ford и VW Group отфрлуваат намалување на цените на своите електрични модели во Европа, по примерот на Tesla
Според претставниците на Ford, тие имаат производствен план за 2023 кој предвидува производство на 130,000 примероци од електричниот кросовер.
Американскиот автомобилски гигант Ford нема да ги намали цените на својот Mustang Mach-E електричен кросовер во Европа заради подобра конкурентна позиција во борбата со Tesla.
Имено, компанијата која ја раковиди Илон Маск неодамна за европскиот пазар ги намали цените за своите модели Model Y и Model 3 за цели 20%.
Од Ford потврдуваат дека европскиот бизнис модел ќе следи различна траекторија од онаа во САД, каде производителот од Детроит ги намали цените за споменатиот Mustang Mach-E во распон од 600 до 5,900 Американски Долари, за да успее да заземе поголем пазарен удел во компетитивниот сегмент на електрични возила.
Претставник на Ford во Франција изјави дека компанијата нема планови за намалување на цените во Европа во блиска иднина, како одговор на потегот на Tesla. Според него ценовните намалувања кај Ford се “наменети само за пазарот во Северна Америка”.
Според истиот извор, Ford успева да реализира испораки во покуси рокови за својот електричен кросовер во Франција, и тоа во најголем дел од можните конфигурации.
Факт е дека цените на Mustang Mach-E во Велика Британија и Германија се сѐ уште непроменети.
Според претставниците на Ford, тие имаат производствен план за 2023 кој предвидува производство на 130,000 примероци од електричниот кросовер.
Слична е ситуацијата и кај конкурентот Volkswagen. И оттаму потврдија дека немаат план да го следат чекорот на Tesla во однос на ценовното репозиционирање на електричната гама.
“Имаме јасна ценовна стратегија и веруваме во силата на нашите производи и нашите брендови”, изјави Оливер Блум, извршниот директор на VW Group во интервју за Frankfurter Allgemeine Sonntagszeitung.