Slide 1

Вести

Ги откриваме двата нови модели со кои Toyota планира да го зголеми пазарното учество во Европа

Slide 1

Наследникот на Aygo веројатно ќе има форма која асоцира на кросовер, иако од Toyota ја комуницираат фразата "нов модел во 'А' сегментот".

19/08/2021

Toyota планира лансирање на два нови модели годинава, започнувајќи со Yaris Cross, по што ќе следи и замената за Aygo. Ова го потврди Извршниот директор на Toyota Europe, Метју Харисон.

Моделот Yaris Cross e варијација на Yaris, а наскоро ќе започне да се произведува во фабриката на Toyota во Валенсиен, Франција. 

Фабриката во Валенсиен е многу важна за Toyota. Во оваа фабрика, која започна со работа пред 20 години, веќе се произведува и четвртата генерација на популарниот Yaris. Во Валенсиен лани се одбележа јубилеј – беа произведени над 4 милиони примероци од овој модел.

Yaris е првото мало возило на Toyota кое веќе ја користи универзалната TNGA платофрма. Сега и кросовер изведбата – Yaris Cross ќе биде поставенa на истата платформа.

Со лансирањето на Yaris Cross, Toyota ќе влезе во сегментот на малите кросовери. Овој сегмент зазема се поголем пазарен удел во Европа. Минатата година во Европа се продадоа дури 1.73 милиони мали кросовери, со што ги надминаа компактите, сегмент кој успеа да забележи 1.72 милони продадени примероци.

Лидери во B-SUV сегментот според продадените примероци се Renault Captur (177,556), Volkswagen T-Roc (158,776), Peugeot 2008 (156,150) и Dacia Duster (138,587). Во првата половина од годинава лидерската позиција ја презема Peugeot 2008 со 107,339 продажби, по што следат T-Roc (105,584), Captur (93,508) и Duster (75,267).

Харисон изјави дека Toyota очекува годишната продажба на Yaris Cross во 2022 година да надмине 150.000 примероци, резултат што сигурно ќе го позиционира помеѓу првите 5 модели во сегментот. Претходно Toyota најави дека очекувањата за овој модел се тој да оствари 8% пазарен удел во сегментот.

Најголем дел од растот на Toyota се очекува да биде резултат на воведувањето на Yaris Cross. Toyota ги ревидираше проекциите за продажба во Европа за годинава на 1.2 милиони, од првичните 1.1 милион. За споредба, таргетите за 2025 година сега изнесуваат 1.5 милиони, наместо првично планираните 1.4 милиони.

Yaris Cross ќе се разликува од конкурентите по погонот на сите тркала и електричниот погон на задната оска. Некои од моделите во сегментот, како на пример Dacia Duster, имаат опција за AWD, но продажбата на тие изведби е исклучително ретка.

Втората разлика е секако, хибридниот систем на Toyota, производител кој има најдолго искуство со овој алтернативен погон.

Вториот модел кој Toyota планира да го лансира ќе биде замена за Aygo, еден од малкумината останати мали градски возила во Европа. Неговите сестрнски модели, Citroën C1 и Peugeot 108, се произведуваа заедно со Aygo во фабриката на Toyota во Колин, Чешка, но и Citroën и Peugeot се повлекоа од партнерството и не планираат нови генерации за овие модели.

Ова доведе до зголемување на пазарниот удел на Aygo, и покрај тоа што тековната генерација е веќе на крај на циклусот. Лани 83,277-те продадени примероци го позициоонираа Aygo на третата позиција според пазарното учество во сегментот, веднаш зад Fiat Panda (144,348) и Fiat 500 (137,267).

Наследникот на Aygo веројатно ќе има форма која асоцира на кросовер, иако од Toyota ја комуницираат фразата “нов модел во ‘А’ сегментот”. Toyota пред неколку месеци презентираше концепт на моделот наречен Aygo X Prologue, кој сепак, има поголем клиренс од Aygo. Овој концепт беше креиран во ED2 дизајнерскиот центар на Toyota во Јужна Франција.

Исто како и Yaris и Yaris Cross, и Aygo X ќе биде поставен на TNGA платормата, односно нејзината GA-B верзија. Очекувањата се дека продукциската верзија ќе биде претставена есенва, по што до крајот на годинава треба да започне и производството, повторно во фабриката во Колин.

Повеќе содржини за Toyota:

Slide 1
Slide 1
Slide 1
Slide 1
Slide 1
Slide 1

Најнови содржини

Renault ќе го замени Kadjar со Austral – нов компактен SUV кој ќе има и плаг-ин хибридна изведба
Караван изведбата на Opel Astra ќе атакува на позицијата на Skoda Octavia – бестселерот во сегментот во Европа
Porsche во 2024 ќе ги лансира новите батерии со силициумски аноди и 10 пати поголема енергетска густина
Stellantis ја зголеми автономијата на електричните модели на Opel и Peugeot преку нови пневматици од Continental