Вести
Hyundai Europe предвидува продажен рекорд и покрај намалените продажби на Ioniq 5 во првиот семестар
Европската дивизија на Hyundai очекува растот да продолжи и во 2024, но предизвик е капацитетот. Фабриките во Чешка и Турција работат со полн капацитет.
Мајкл Кол, 59-годишниот директор на Hyundai Europe, е апсолутно уверен дека неговиот бренд наскоро ќе го надмине продажниот рекорд во Европа поставен во 2019 година, кога корејскиот производител продаде 562,386 возила.
Hyundai Europe не сака да постигне поголем обем на продажби преку жртвување на продажните маржи, пренасочувајжи голем обем на продажби кон флотните клиенти и рентакар компаниите. Наместо тоа, тие се фокусираат на индивидуалните клиенти.
“Доколку се споредат 2023 и 2019, вклучувајќи ги и патничките и LCV сегментите, тогаш имавме 2.8% пазарно учество, а сега имаме 4.2% и тоа само со патничките возила. Јас сум многу задоволен поради тоа”, вели Кол.
“Јас сум убеден дека оваа година ќе го надминеме рекордот од 2019, и покрај тоа што глобалните продажби во индустријата за првите 6 месеци се 20% пониски споредено со првите 6 месеци во 2019 година”, продолжува Кол.
Европската дивизија на Hyundai очекува растот да продолжи и во 2024, но предизвик е капацитетот. Фабриките во Чешка и Турција работат со полн капацитет.
Ограниченоста на производниот капацитет е делумно причина за намалувањето на продажбите на Ioniq 5. Од Hyundai објаснуваат дека за тоа е причина големата побарувачка кон крајот на минатата година кога заради промените на субвенциите во Германија, голем број на купувачи одлучија да купат возило пред крајот на 2022 година. Заради тоа залихите на Ioniq 5 на почетокот на 2023 биле многу мали, што се рефлектира и на реализираните продажби во 2023.
Во моментов за Ioniq 5 се чека помеѓу 4 и 5 месеци.
Големи се очекувањата од лансирањето на Ioniq 7, големиот SUV кој ќе пристигне во втората половина од 2024, а од Hyundai не ги откриваат имињата на следните модели и дали ќе се продолжи со користење на името Ioniq.