Slide 1

Стории

ID.4 овозможува безжични и бесплатни надградби на софтверот преку специјална интернет врска на Volkswagen

Slide 1

Во случајот на ID.4, купувачите во Македонија може да изберат помеѓу батерија со 52kWh или 77kWh. Поголемата батерија овозможува автономија до 520 километри.

16/08/2021

На автомобилските производители им беше потребно подолго време од очекуваното за да ги трансформираат своите капацитети и да започнат да произведуваат значителни бројки на електрични автомобили.

Кога во септември 2018 Audi го избра Сан Франциско за светската премиера на својот прв електричен модел “e-tron”, заедно со carclub.mk имавме можност да присуствуваме на гламурозниот настан. Тогаш се чинеше дека за многу кусо време автомобилските салони на групациите како Volkswagen, Toyota, FCA, PSA и Renault-Nissan-Mitsubishi ќе бидат преплавени со електрични модели, а деновите на доминација на Tesla во овој сегмент се избројани.

Но, електрификацијата се покажа како сериозен предизвик за автомобилските гиганти. Ковид-19, недостигот на батерии, па и на полупроводници само дополнително го искомплицира процесот.

Дури сега, цели три години подоцна, електричните модели еден по еден започнаа да пристигнуваат и во салоните во Македонија. Оваа динамика нема да сопре, напротив само ќе се интензивира.

Неколку месеци по тестот на ID.3, тука во Скопје имавме можност за статичка презентација на неговата кросовер изведба (ID.4).

ID.4, исто како и ID.3, се произведува во фабриката на Volkswagen во Цвикау, која дневно произведува повеќе од 1.000 електрични возила. И тој, како и ID.3, е поставен на MEB платформата, но сепак, направени се адаптации: меѓуоскиното растојание е идентично, но ID.4 е поширок. Исто така, суспензијата е затегната (Mac Pherson напред, “multi-link” одзади).

Електричниот погон со сила од 150kW (VW нуди верзии и со 109kW и 125kW) и вртежен момент од 310Nm е доволно моќен да го движи кросоверот кој тежи цели 2.1 тони. Само батеријата (77кW) на ID.4 е тешка околку 500 килограми. 

Брзини на полнење до 125kW

Со оглед на сè поголемата застапеност на електричните автомобили во понудата кај нас, време е сериозно да ги анализираме клучните прашања кои си ги поставуваат потенцијалните купувачи на овие возила: колкаво растојание може да се помине со едно полнење на батеријата и кои се опциите за нејзино полнење.

Во случајот на ID.4, купувачите во Македонија може да изберат помеѓу батерија со 52kWh или 77kWh. Поголемата батерија овозможува автономија до 520 километри со едно полнење. На брз полнач со еднонасочна струја, ID.4 може да се полни со брзина до 125kW, но овие полначи се екстремно скапи, затоа кај нас се многу ретки, па купувачите не може да сметаат на нив како решение за полнење на батеријата.

Втора опција е мрежата на брзи полначи (со моќност од 11kW и 22kW) која EVN започна да ја развива пред неколку години. Но, со оглед на тоа дека полнењето на батеријата на вакви полначи трае 7-8 часа, тие не се практични за да бидат прв или единствен избор за полнење, процес кој сопственикот на електрично возило би требало да очекува да го прави 2-3 пати во неделата. 

Ова не е невозможно, туку непрактично бидејќи сопственикот најпрво треба да го однесе возилото на некоја од локациите со вакви полначи, без возилото да се врати до дома и потоа, по повеќе часови, повторно да оди по него. Во меѓувреме, половина од времето во денот нема да може да располага со своето возило. Оваа рутина нема да им пречи само за оние кои ваков полнач имаат во непосредна близина на своите домови.

Поради тоа, тие кои сериозно размислуваат да бидат меѓу првите сопственици на ID.4 (или било кој друг електричен автомобил) кај нас, мора да размислуваат за третата опција: инсталација на домашен брз полнач (wallbox), кој ќе им овозможи за истите 7-8 часа, но во текот на ноќта, комплетно да ја наполнат батеријата со што ќе ја искористат двојно поевтината цена на електричната енергија во тој период, како и малата оптовареност на мрежата (off-peak период). Во однос на тоа кои се нивните опции доколку се решат да нарачаат таков полнач преку Volkswagen, имавме можност да добиеме одговори од бренд менаџерот Александар Цветковски.

Имено, Volkswagen во Македонија нуди полначи од брендот Moon (компанија во сопственост на Porsche Holding), а во основа купувачите имаат две опции: 11kW и 22kW, со цени кои започнуваат од 77.500 денари. 

Освен ова, купувачот треба да го има предвид дополнителниот трошок за нивна инсталација која мора да се спроведе од страна на стручни лица, квалификувани за инсталирање на вакви полначи.

Треба да се има предвид дека целиот процес зависи од локацијата каде треба да се инсталира полначот. Во суштина, потребно е да се обезбедни доволна приклучна моќност за избраниот полнач (слободни 11kW или 22kW моќност) и физичка локација за поставување на полначот која не е изложена на дожд. Од Volkswagen потенцираат дека полначите се водоотпорни, но не се проектирани да бидат водонепропусни. 

Енергетската линија на која се поврзува полначот е 3-фазна со капацитет за континуиран пренос на струја со јачина од 16 или 32 ампери. Во пракса, ова значи поставување на кабел не помал од 5х2.5mm2 (се препорачува 5х4мм2) за 11kW или не помал од 5х6 mm2 (се препорачува 5х10mm2) за моќност од 22kW. 

Поврзувањето на едната страна се прави што поблизу до електричното броило, а на другата страна со полначот, преку соодветни осигурувачи и со што е можно помала должина на кабелот. Заради можните разлики на локациите, тешко е да се наведат точни просечни трошоци за инсталација на полнач за домашна употреба. 

Прашавме и за цените на инсталацијата: "Како необврзувачка ориентациона вредност би навеле износ од околу 30.000 денари, а доколку е потребно да се изврши проширување на приклучната моќност на клиентот, таа би чинела повеќе." - велат од Volkswagen. 

Можеби ова делува комплицирано и скапо, но по инсталацијата, едно полнење на батеријата, кое овозможува се поминат и 500 километри, би чинело само околу 300 денари (77kW x 3.96 ден - цена за 1kWh во евтина тарифа)!

Over the Air надградби на софтверот

Веќе години наназад безжично ги инсталираме новите верзии на оперативните системи на мобилните телефони. Meѓу автомобилските производители, Teslа е пионер кој ваквите безжични надградби ги овозможи уште во 2012 година. 

Сега, VW ветува дека тоа ќе биде случај и со софтверот во новиот ID.4.

Првиот ваков "update" веќе се спроведува кај примероците на ID.4 кои меѓу првите излегоа од производните ленти во Цвикау. Тимовите кои се задолжени за софтверот (ID.Digital) во Volkswagen и (CARIAD) на ниво на групацијата се под притисок оваа иновација да се реализира без никакви пречки. 

Ова е особено комплициран процес ако се земе предвид дека во возилата на Volkswagen безмалку 70 контролни единици контролираат софтверски компоненти од над 200 различни добавувачи. 

Но, очекувањата се надградбите да се спроведуваат без проблеми, бидејќи верзијата ID.Software 2.3 веќе се тестираше во неколку илјади флотни возила на компанијата.

Сепак, надградбите малку ќе се разликуваат од оние на кои сме навикнати да ги правиме на нашите мобилни телефони. Податоците се праќаат директно до централниот компјутер (In Car Application Server, ICAS) исклучиво преку мобилна врска на Volkswagen. Значи, нема потреба од поврзување со безжична интернет врска од страна на сопственикот на автомобилот.

Симнувањето на податоците преку оваа врска се одвива непречено во позадина. Но, инсталацијата може да се направи само тогаш кога никој не е присутен во автомобилот, кој воедно мора да биде заклучен. За да започне инсталацијата на софтверот мора да се изгасени светлата на автомобилот и батеријата да е барем 50% полна. Тековниот софтвер ID.Software 2.3 "тежи" околу 6.5GB, а целата процедура трае неколку часа.

VW ветува вакви надградби во просек на секои три месеци, а поголеми промени се очекуваат кон крајот на годината во верзијата 3.0.

Ја искористивме можноста при презентацијата да добиеме информација дали овие надградби ќе функционираат и во Македонија. Еве го одговорот од Volskwagen:

"Надградбите 'Over the Air' веќе функционираат во Македонија за сите модели на Volkswagen со вградени единици за онлајн поврзување. Истото се планира и за ID.4. Преносот на податоците за овие надградби се одвива преку интернет врска обезбедена и платена од Volkswagen, т.е. е бесплатна за корисниците. Единствено е потребно корисникот да ја потврди надградбата откако ќе добие порака за достапна надградба на софтвер на екранот на инфо-забавниот систем на возилото. Надградбата се одвива во позадина и автоматски, а корисникот може непречено да го употребува возилото, вклучително и да го деактивира и да го напушти".

Штом добиеме можност за тест на ID.4, ќе се обидеме да провериме како практично функционира оваа иновација и да го споделиме нашето искуство.

Slide 1
Slide 1
Slide 1
Slide 1
Slide 1
Slide 1

Најнови содржини

Renault ќе го замени Kadjar со Austral – нов компактен SUV кој ќе има и плаг-ин хибридна изведба
Караван изведбата на Opel Astra ќе атакува на позицијата на Skoda Octavia – бестселерот во сегментот во Европа
Porsche во 2024 ќе ги лансира новите батерии со силициумски аноди и 10 пати поголема енергетска густина
Stellantis ја зголеми автономијата на електричните модели на Opel и Peugeot преку нови пневматици од Continental