Slide 1

Стории

Интервју со Шон Рени (Porsche): Cayenne Coupe е дочекан со голем интерес во целиот свет

Slide 1

Cayenne Coupe е наменет за купувачите кои се најзаинтересирани за спортските гени на Cayenne, а тоа можат да бидат актуелни или нови купувачи на Porsche со голема лојалност кон брендот. SUV купе пазарот не е нов, но ние му даваме сопствен идентитет на овој автомобил преку типичниот Porsche дизајн

09/10/2019

Регионалната презентација на новиот Porsche Cayenne Coupe во Словенија ни овозможи лично да се увериме во квалитетите на новиот SUV модел на германскиот бренд, а неговите импресивни карактеристики сигурно ќе му обезбедат посакуван број купувачи.

Истовремено, од претставникот на брендот, Шон Рени, добивме и дополнителни интересни информации за очекувањата на Porsche од Cayenne Coupe, но и за начинот на кој овој модел ќе ги освојува купувачите.

Речиси две децении Porsche е дел од SUV сцената. Дали додавањето на Cayenne Coupe во понудата е потврда дека брендот може до уште подобри резултати во овој сегмент?
– Сите наши модели се спортски, вклучувајќи ги и Panamera, Macan и Cayenne. Тие се најспортска опција во нивните сегменти и сите ја носат спортската ДНК на Porsche 911, па затоа и купувачите го перципираат Porsche како спортски бренд. Ние ќе го задржиме спортскиот карактер, но истовремено ја зголемуваме понудата на модели за да им овозможиме на купувачите ширум целиот свет да го добијат она што го посакуваат. Целта на актуелната комбинација на модели е да ги исполни очекувањата на купувачите на пазарите во развој, побарувачката за спортски SUV е зголемена најмногу во Кина, но раст бележи и продажбата на спортски автомобили со две врати.

Сите премиум брендови веќе имаат слична изведба, што е тоа што ќе го направи Cayenne Coupe подобар од ривалите?
– Нашиот холистички пристап не се базира на автомобилот, туку на ДНК на брендот. Оваа комбинација на спортски карактер и врвен квалитет може да се најде во сите модели на Porsche и перфектно ги рефлектира очекувањата на нашите купувачи. Исто така, секое Porsche е направено од луѓе, па покрај врвната рачна изработка, инвестирани се и многу љубов и страст во секој примерок на нашиот бренд. Така ние ги креираме индивидуалните модели кои инспирираат преку неверојатниот квалитет и возачкото искуство и тоа е она што сметаме дека го одделува Porsche од другите. Ова не е исклучок и во случајот со Cayenne Coupe, сегментот на SUV купе овозможува голем број на опции достапни за купувачите, но ние веруваме дека Cayenne Coupe ја поседува карактеристичната ДНК на Porsche, која ја истакнува индивидуалната препознатливост на еден автомобил на нашиот бренд.

Porsche ги отфрли дизел моторите, дали тоа може да биде хендикеп во соочувањето со конкуренцијата?
– Интересот за хибридните модели расте многу, во Европа дури 60 проценти од примероците на Panamera се нарачани со плаг-ин хибриден погон, додека истовремено побарувачката за дизел изведбите се намалува. Во 2017 година, учеството на дизел изведби во продажбата на Porsche изнесуваше 12 проценти, а а немаме дизел модел во портфолиото уште од февруари 2018 година. Поголемиот интерес за хибридите не убеди да се фокусираме повеќе на ваквите погони, па во случајот со Cayenne и Cayenne Coupe веќе ги нудиме изведбите E-Hybrid и Turbo S E-Hybrid. Фидбекот и интересот кои ги добивме досега за Cayenne Coupe, подеднакво за изведбите со класичен и хибриден погон се позитивни и очекуваме моделот да биде успешен.

Кој регион очекувате да биде најзаинтересиран. Дали можеби ова е идниот хит на кинескиот пазар?
– Кина сигурно ќе биде важен пазар за овој модел, но детектираме голем интерес и во Европа. Генерално, Cayenne Coupe е дочекан со голем интерес во целиот свет.

Освен дизајнот, во што друго се разликува Cayenne Coupe во однос на класичниот Cayenne. На кои купувачи би им ја препорачале најновата изведба?
– Cayenne Coupe е наменет за купувачите кои се најзаинтересирани за спортските гени на Cayenne, а тоа можат да бидат актуелни или нови купувачи на Porsche со голема лојалност кон брендот. SUV купе пазарот не е нов, но ние му даваме сопствен идентитет на овој автомобил преку типичниот Porsche дизајн.
Што се однесува до сличностите и разликите, технички, двата модела ги вклучуваат истите најважни карактеристики на третата генерација на Cayenne. Toa подразбира моќна погонска единица, иновативен шасиски систем, дигитализиран екран и оперативен концепт, како и врвна конективност. Но, новиот Cayenne Coupe добива и малку подобра сериска опременост, односно елементи кои кај класичниот Cayenne се опција од дополнителната опрема.

Кога може да очекуваме плаг-ин хибрид верзија и дали овој сегмент има потенцијал за кабриолет?
– Плаг-ин хибрид опциите веќе се достапни не само за Cayenne, туку и за Cayenne Coupe, a тоа се изведбите E-Hybrid и Turbo S E-Hybrid, од кои втората претставува најмоќен Cayenne во понудата. Засега нема планови за кабриолет изведба, актуелните две се успешни и ќе останат во нашиот фокус.

Еколошките и безбедносните норми ги поскапуваат автомобилите, а тука е и желбата за што повеќе елементи како на пример панорамски кров или адаптивен спојлер кај овој модел. Како се однесуваат купувачите на Porsche кои можат да си дозволат опции, но се и попребирливи?
– Генерално, купувачите на Porsche се задоволни поради големиот избор на опции, односно можност за персонализација на автомобилите. Се стремиме кон тоа да им овозможиме на купувачите да го конфигурираат автомобилот од нивните соништа, а на пример кај Cayenne Coupe, адаптивниот спојлер и панорамскиот кров доаѓаат како дел од сериската опрема.
Во однос на спојлерот, фиксниот заден спојлер е комбиниран со адаптивен спојлер кој се издолжува за 135 милиметри на брзини повисоки од 90 км/ч, зголемувајќи го потисокот на задната оска. Ова ја зголемува стабилноста на поголеми брзини, но ја подобрува и динамичноста, така што овој елемент е посветен на стабилноста и перформансите одеднаш.

Porsche е единствениот бренд кој овозможува дополнителна, продолжена гаранција во период откако автомобилот е купен. Како се добива оваа гаранција и дали ја користат купувачите?
– Според нашите сознанија, не постои друг бренд кој овозможува слична услуга. „Porsche Approved Warranty“ е многу баран пост-продажен продукт и многу возачи на Porsche се одлучуваат за него. Тие имаат можност да ја изберат должината на гаранцијата пред, но за одредена сума и по купувањето на автомобилот во овластен Porsche центар. Основен предуслов за користење на оваа опција е автомобилот да биде во перфектна состојба, а за да се увериме во тоа, тој минува низ технички тест со 111 тест точки, во овластен Porsche сервис. Врз основа на оваа дијагностика, сервисниот советник може да сугерира што треба да се коригира, а откако возилото ќе биде доведено во перфектна состојба, може да се активира и продолжената гаранција. Истата е достапна само за автомобилите кои немаат поминато 200.000 километри и не се постари од 15 години.

Slide 1
Slide 1

Најнови содржини

Кабриолет изведбата на Fiat 500 пристигна во салонот на Fiat во Скопје
Електрификацијата ќе предизвика намалување на бројот на вработени во автомобилските компании
Илон Маск ќе им овозможи на конкурентите да ја користат мрежата на брзи полначи на Tesla
Фејслифтот на Citroën C3 Aircross кој брендот го најави во февруари, пристигна во салонот на Citroën во Скопје