Slide 1
Slide 1

Стории

Интервју со Александар Цветковски: Новиот Golf ја демократизира современата технологија

Slide 1
Slide 1

04/02/2021

Многу објективни причини, вклучувајќи ја и пандемијата и сите нејзини консенквенци по индустријата, придонесоа продажбата на новата, осма генерација на Volkswagen Golf, во Македонија да започне заедно со новата календарска година.

Истовремено, импортерот „Порше Македонија“ го назначи Александар Цветковски за нов бренд менаџер на Volkswagen, со што тој официјално на оваа одговорна позиција го наследи Владимир Димитровски, кој замина во заслужена пензија.

Мала привлегија на AutoFocus е што го направивме првото интервју со Цветковски, притоа обидувајќи се да ги добиеме најважните информации за Golf и да дознаеме нешто повеќе за карактерот и потенцијалот на новото издание на европскиот бестселер.

AF: Концептот на Golf отсекогаш бил еволуција, а не револуција на дизајнот. Од друга страна се чини дека оваа осма генерација мораше храбро да се соочи со неминовната дигитализација на ентериерот. Како го оценувате конечното решение?

– Новиот Golf е истовремено ист и многу различен од своите претходници. Различен е во пристапот кон спроведување на промените. Еволуцијата кај Golf 8 е присутна, но помалку изразена и забележлива преку надворешниот изглед. Тука новиот Golf останува одмерен во настапот, но со присутни детали за демонстрирање на супериорноста на производниот процес, како исклучително острите линии, наизменичните вдлабнувања, испакнувања и рамнини и впечатливо тесните процепи меѓу деловите. И покрај силната препознатливост на моделската ДНК, Golf навестува дека нуди нешто повеќе од вообичаеното.

– Навестува пристап многу повеќе насочен кон и инспириран од иднината. Ова го потврдува веќе при првиот контакт со внатрешноста. Внатрешноста на новиот Golf е апсолутна концепциска револуција. Речиси целосното елиминирање на физичките копчиња и воведувањето на дигитализацијата преку екрани во боја и управување преку допир е во целосна согласност со пристапот на дизајнирање на најновите генерации производи кои го обележуваат новото време и времето што доаѓа. Функционално, Golf 8 сепак останува вистински Golf.

Сите фотографии се направени со почитување на протоколите за превенција од ковид-19

AF: Ако дигитализацијата означува влез во една нова ера, следен процес кој треба да го заокружи впечатокот во однос на технолошката поткованост е конективноста. Вообичаено Golf доаѓа со многу опрема, но што добива купувачот од овој аспект?

– Веќе во почетното ниво на опременост на нашиот пазар Golf 8 без доплата нуди целосно и директно поврзување со компатибилни паметни телефони преку Bluetooth интерфејс, USB-c интерфејс и преку протоколите Apple CarPlay и Google Android Auto. Дополнително, Golf 8 може да комуницира и со центрите за помош при итен случај, во зависност од локалната инфраструктура и системи, како и со централен сервер на производителот, со цел на корисникот да му обезбеди мноштво корисни информации за возилото преку мобилните онлајн услуги WeConnect.

– Мобилните онлјан услуги WeConnect се достапни по претходно склучување на онлајн договор помеѓу корисникот и Volkswagen AG со посредство на бесплатна апликација за паметни телефони Volkswagen WeConnect, достапна за преземање во продавниците за мобилни апликации App Store и Google Play Store.
Доколку конективноста ја сфатиме пошироко, како способност за интеграција со околината, Golf 8 ги препознава условите за возење преку сензорите за светлина и дожд, асистентот за долги светла Light Assist, Системите за задржување и промена на лента, задната камера, паркинг сензорите… сето достапно во серија или без доплата кај почетниот модел.

AF: Имајќи ги предвид напредните функции на автомобилот, но и неговата софтверска интелигенција, дали новиот Golf ќе може да се надградува со асистенција на „Порше Македонија“?

– Дилерската мрежа на Порше Македонија е целосно обучена за опслужување на нашите производи и е во постојан процес на дообучување и целосно запознавање на новите технологии што се воведуваат во новите модели. Евентуално потребните надградби т.е. ажурирања на Golf 8 секако ќе можат да бидат спроведени преку нашата сервисна мрежа.

AF: Понудата на погонски единици е поедноставена. Од една страна, имаме бензински мотор со 150 коњски сили, а од друга, дизел понудата подразбира само 2.0-литарски мотор со две варијации на моќноста. Очигледно дека Volkswagen смета дека има сериозни адути со овие два мотора?

– Golf отсекогаш ја демократизирал современата технологија, што значи дека најпотребните и најкорисните нови технологии ги правел достапни на најширок круг купувачи. Кај Golf 8 во делот на погонските единици оваа филозофија е применета токму преку посочените примери. 2.0 TDI има статус на погонски подбренд на Volkswagen. И покрај предизвиците од блиското минато поврзани со неа, оваа погонска група останува носечка во понудата на дизел мотори, бидејќи пазарот тоа го сака и го очекува. Volkswagen многу сериозно ги сфати забелешките од блиското минато и токму со оваа генерација на моторите 2.0 TDI сака да потсети и да нагласи дека може и знае да биде беспрекорен.

– Новите мотори 2.0 TDI се опремени со технологија за двојно дозирање на адитив за намалување на азотните оксиди. Освен оваа технологија, моторите се дополнително конструкциски и особено термички оптимизирани во однос на своите претходници. Овозможуваат истовремено зголемување на максималнот вртежен момент од 250 на 300 Nm за 85 KW изведба со рачен менувач и од 340 на 360 Nm за 110 KW изведба со DSG менувач, спуштање на прагот од кој тој е достапен на 1600 вртежи и намалување на просечната потрошувачка на 3.8 односно 3.9 l/100 Km (NEDC) и задоволување на најновата и моментално најстрогата важечка норма на емисија EURO 6d–ISC-FCM.

– 1.5 eTSI DSG е електрично поддржан бензински мотор со натполнење и директно впрскување на гориво. Популарно наречен mild hybrid. Концептот предвидува зголемување на ефикасноста на главниот мотор со внатрешно согорување преку поддршка од мал електромотор со мала батерија, претежно во опсегот на ниски вртежи. Решението е логично, бидејќи нуди најлесно мерлива предност – намалена потрошувачка – со конструкциски и ценовно прифатлива техничка надградба на веќе многу економичниот 1.5 TSI. Секако, и овде е задоволена нормата на емисија EURO 6d–ISC-FCM.

AF: Електричниот Golf му го отстапи местото на ID.3, но затоа од друга страна оваа генерација добива помоќна плаг-ин хибрид изведба и најмоќен Golf R досега. Ако се погледне просечната моќност, очигледен е трендот на нејзино зголемување, веројатно како фидбек од купувачите…

– Забелешката е точна. Golf 8 нема да се нуди во целосно електрична изведба. Сите останати опции се можни, во зависност од пазарот. Трендот на зголемување на просечната моќност е резултат и на фидбекот од купувачите, но и на можностите што ги нуди платформата на која е направен Golf 8. Современите технологии применети кај Golf 8 и при производството на каросеријата и при производството на моторите и преку останатите технички решенија овозможуваат зголемување на моќноста – со други зборови задоволството на купувачите при возење – со истовремено задржување или подобрување на вредностите на просечната потрошувачка и издувна емисија.

AF: Дали подоцна македонските купувачи ќе имаат поголем избор на погонски единици за овој модел?

– Во план е скоро проширување на понудата со Golf GTI со погонскo-менувачки склоп 2.0 TSI 245 DSG. Во иднина не е исклучено воведување и на плаг-ин хибридите Golf Style eHybrid и Golf GTE, штом се стабилизира снабдувањето на големите европски пазари со активни субвенции за ваквите автомобили. Повеќе сме резервирани во однос на можноста за понуда на базичната опременост од Германија, Golf – наследник на досегашниот Trendline. Нашите досегашни анализи и анализите на фабриката покажуваат дека оптимум за старт на понудата сепак е Golf Life, кој веќе во почетната спецификација нуди повеќе од солидно надграден Golf Highline од претходната генерација. И за споредливо иста или пониска цена.

AF: Навраќајќи се наназад низ последните неколку генерации, каков е трендот меѓу македонските купувачи во однос на изборот на погонска единица и опременост. Кој е „идеалниот Golf“ за нашиот пазар?

– Досегашната статистика покажува дека Golf најчесто е дизел. Центар на интересот секогаш билa влезната опременост движена од дизел агрегат со рачен менувач – од сегашна гледна точка Life 2.0 TDI 115. Отсекогаш сериозен интерес има и за помоќните изведби со DSG, т.е. за 2.0 TDI 150 DSG. Бележиме нагорен тренд и на интересот за 1.5 eTSI 150 DSG mild Hybrid и очекуваме во оваа зона да се движиме во блиска иднина. Независно, постојано ги следиме сигналите на пазарот и ја прилагодуваме понудата.

AF: Колку од купувачите ја користат опцијата за продолжена гаранција за Golf и какви се сервисните интервали за новата генерација?

– Продолжената гаранција е одлична опција и инструмент за усогласување на интензитетот на употреба на возилото и вкупните предвидени и непредвидени трошоци. Со македонските просеци на изминати километри продолжената гаранција има смисла и за приватни и за компаниски корисници. Позитивно е што продолжената гаранција претставува опција која одделно се димензионира и наплатува. Секој купувач на возило може да одлучи дали ќе докупи продолжена гаранција и каква. На располагање се опции за продолжување од 1, 2 или 3 години над фабричката двегодишна гаранција, со 10.000, 20.000 или 30.000 годишно изминати километри. Соодветно е димензионирана и потребната доплата. Единствен услов при изборот на продолжена гаранција е таа да се одреди и да се активира при купување на возилото. Важно за напомена е дека продолжената гаранција во нашата понуда е целосна фабричка продолжена гаранција, а не локално решение.

AF: „Светлината е новиот хром“ беше еден од најважните слогани при претставувањето на оваа осма генерација. Што поточно подразбира под ова производителот?

– Новото време наметна појавување на нови навики и нови очекувања. Навлегувањето на информатичката технологија во сите сфери на живеењето го измени и погледот кон светот и поимот за привлечно и убаво. Ако до скоро елементите за зголемување на впечатливоста и привлечноста на автомобилите речиси целосно се поистоветуваа со хромот или со хромираните додатоци, сега состојбата е поинаква.

– Новиот Golf како никогаш претходно ја употребува светлината за нагласување на формите и за дополнително облагородување на просторот. На пример, вдлабнатините под рачките на вратите се осветлени со LED амбинетно осветлување. Украсната лајсна што ги поврзува предните светла со логото во нивото на опременост Style e осветлена со бела LED лента. Внатрешноста е уште поразиграна и подготвена за индивидуализација: Во вратите и на инструмент таблата е вградено амбиентно осветлување со можност за избор на 10 бои кај Golf Life или 30 кај Golf Style. Со екранот на инфозабавниот систем и секогаш дигиталниот кокпит во повеќе бои со можност за избор на различни инфо-профили, светлосната слика се заокружува и доживувањето на новиот Golf го прави незаборавно.

AF: Купувачите на Golf сакаат динамично и забавно возење, но овој модел често е избор и за основен семеен автомобил. Дали може да се истакне еден квалитет како најважен?

– И не и да. Неспорно е дека Golf не е најголемиот, најмоќниот, најбрзиот, најсовремениот, најопремениот, најпривлечниот, најевтиниот…автомобил на светот. Поединечно гледано, постојат автомобили кои нудат повеќе од Golf. Главна одлика на Golf од секогаш била да нуди најдобро заокружен пакет кој на едно место нуди најмногу можно од најмногу категории на особини.

– Не случајно често го нарекуваат референтен автомобил, репер од кој се тргнува и со кој се’ се споредува. Не случајно и целата класа на компактни автомобили се нарекува и Golf-класа. Токму одликата дека Golf е најдобро заокружен пакет кај осмата генерација е пооправдана од било кога и може да се истакне како негов најважен квалитет. Новиот Golf како никогаш претходно претставува најдобро единствено решение за најмногу барања на купувачите.

AF: Како ќе влијае забрзаниот процес на електрификација во поразвиените европски земји на продажбата на Golf? Дали оваа осма генерација без проблеми ќе „вози“ како европски бестселер?

– Електрификацијата е неизбежен процес, а во моментот во Европа и исклучително актуелен процес. За крајна цел има целосно пренасочување на автомобилите кон погонски решенија со нулта издувна емисија и токму заради оваа цел има голема поддршка. Но, постигнувањето на крајната цел на електрификацијата вклучува и мноштво големи предизвици, кои временската рамка за нејзино целосно спроведување ја поместуваат на среден рок во најдобар случај, а многу поверојатно и на долг рок – 20 и повеќе години.

– Тоа се околу 3 животни циклуси на еден современ модел на автомобил вклучително и моделско освежување – фејслифт или како и да го наречеме. Дополнително, веќе споменавме дека и Golf 8 не е имун на електрификацијата – во моделската понуда вклучува и решенија за оптимизирање на ефикасноста засновани на електричен погон. Соодветно, не очекуваме Golf 8 да има значајни предизвици по неговиот имиџ на европски бестселер.

Сите фотографии се направени со почитување на протоколите за превенција од ковид-19

AF: Зголемувањето на безбедноста и имплементирањето на многу нови технологии неминовно водат кон повисоки цени за автомобилите. Овој тренд очекувано е присутен и во ценовникот на VW Golf, барем при пластична споредба со цените на претходната генерација. Но, каков резултат добиваме ако ги споредиме сериската опрема и цените на новиот Golf со тие на претходникот?

– Прашањето е апсолутно легитимно и на место. На пазарот со широка и длабока понуда на слични (или барем претставени како слични) производи, првата задача е разјаснувањето на соодносот вложено-добиено. Кај автомобилите оваа задача истовремено е и едноставна и сложена. Едноставна е заради достапноста на опсежни информации за опременоста и техничките карактеристики на автомобилите, а сложена заради присуството на бренд-компонентата, т.е. карактерната компонента при конструкцијата на секој одделен модел на автомобил. Ако се задржиме на едноставен попис и споредба на ставките на опременост и на техничките карактеристики, наидуваме на следната слика: Golf 8 кај нас не е достапен во најниското ниво на опременост еквивалентно на претходниот Trendline. Golf 8 стартува со почетна опременост Life, еквивалент на средното ниво на опременост кај претходникот, со повеќе надградби на сериската опрема.

– Според последниот ценовник за претходниот Golf од 2019, Golf Comfortline 1.6 TDI 115 надграден со предни и задни паркинг сензори, 16 инчни алу фелни, асистент за долги светла, електрично преклопливи ретровизори, задна камера, радио со 8 инчен екран, можност за поврзување со компатибилни паметни телефони преку протоколи Apple CarPlay и Google Android Auto, дигитален кокпит, функција за бежично полнење на мобилни телефони, стартување на моторот на копче, имаше необврзувачка предложена малопродажна цена од 28.004 евра.

– Од друга страна, Golf 8 Life 2.0 TDI 115 според најновиот ценовник има необврзувачка предложена малопродажна цена од 27.468 евра. Golf 8 има се’ набројано од претходникот, плус предни светла во LED изведба, систем за задржување на лента Lane Assist и систем за помош при промена на лента Side Assist, амбиентно осветлување во внатрешноста со избор од 10 бои, посовремена интерпретација на продуктот видлива преку мноштво мали детали… Истовремено, во цената на претходникот не е пресметана годишната стапка на инфлација на еврото во висина од 2%. Врз основа на ова, лесно може да се донесе заклучок дали Golf 8 е поскап или поевтин од претходникот, – вели Цветковски.

Повеќе содржини за Volkswagen:

Најнови содржини

Lexus го претстави новиот NX, првпат достапен и како плаг-ин хибрид
Мате Римац со порака до Маск поради игнорирањето на Nevera
Land Cruiser 300 носи темелни промени и проверен оф-роуд концепт на теренецот на Toyota
Alfa Romeo ќе го прослави 111. роденден со своите фанови