Вести
Јапонската влада предложила здружување на Nissan и Honda
Jапонската влада, загрижена за иднината на домашната автомобилска индустрија, се обидела да иницира преговори меѓу Nissan и Honda за нивно евентуално здружување, објави ексклузивно „Фајненшел тајмс“
Иднината на дел од автомобилските производители е доведена во прашање поради комплицираниот и скап процес на транзиција на мобилноста и електрификација, а здружувањето во заеднички групации и алијанси останува решение кое може да обезбеди сигурна иднина.
Така очигледно размислува и јапонската влада, која загрижена за иднината на домашната автомобилска индустрија, се обидела да иницира преговори меѓу Nissan и Honda за нивно евентуално здружување, објави ексклузивно „Фајненшел тајмс“.
Првпат ваквата идеја била споделена на крајот на претходната година, пред се поради проблематичниот период за третиот најголем јапонски производител кој на годишно ниво продава 4,8 милиони автомобили.
Потребата од инвестирање во нови технологии и електрифицирани автомобили го зголеми притисокот врз сите актери во автомобилската бранша, но предлогот на јапонската влада бил експресно одбиен од двете страни, а потоа и ставен во втор план по почетокот на кризата предизвикана од коронавирусот.
Јапонија во моментов има осум производители, но четири од нив (Mazda, Suzuki, Subaru и Daihatsu) имаат блиска соработка или комбинирана сопственичка структура со Toyota, додека Nissan е во алијанса со Renault и Mitsubishi, која последниот период не може да се пофали со импресивни резултати.
Советниците на јапонскиот премиер Шинзо Абе биле иницијатори на евентуалните преговори, истакнувајќи го стравувањето за иднината на Honda како единствен самостоен производител, но пред се и за Nissan кој има тешки загуби по апсењето на Карлос Гон и за кого финансиските експерти се плашат дека евентуален колапс може да зададе голем удар на јапонската економија.
„Фајненшел тајмс“ потсетува дека проблем за Nissan и Honda е дека двете компании имаат целосно различни стратегии во однос на инвестициите во нови технологии и опции за мобилноста и во моментов тешко може да ги искористат придобивките од евентуално здружување. Но, доколку во иднина се најдат во поголеми проблеми од актуелните, тогаш веројатно ќе бидат приморани да размислуваат за поинаква стратегија и можеби и да ја разгледаат понудата на јапонската влада.