Новитети
Jeep ја најави новата генерација на Grand Cherokee со нова L изведба
Петтата генерација на Grand Cherokee наскоро ќе им биде достапна на големиот број фанови на овој голем SUV на Jeep, а американскиот производител реши да вклучи и дополнителна L изведба.
Промоцијата на Grand Cherokee L е само најава за она што допрва следува, а тоа е комплетирање на понудата и со плаг-ин хибрид изведба, а брендот најавува дополнителна еволуција во однос на комфорот, премиум амбиентот во кабината, технологијата и оф-роуд способностите.
Покрај класичниот Grand Cherokee, изведбата со наставка L ќе подразбира дополнителен трет ред седишта и опција за конфигурација со шест седишта, со напомена дека овој автомобил нема да жртвува ни дел од својот карактер, со кој е препознатлив на глобално ниво.
По 7 милиони продадени примероци во изминатите речиси 30 години, новиот Grand Cherokee добива нова платформа, нова суспензија, како и воздушна суспензија за зголемување на клиренсот кога тоа е потребно.
Купувачите ќе избираат меѓу три вида на погон на четири тркала во зависност од оф-роуд потребите кои ќе ги имаат, Quadra-Lift воздушната суспензија може да му овозможи клиренс од 281 милиметар на Grand Cherokee, како и одлични агли на пристапување и напуштање од 30,1, односно 23,6 степени.
Нема изненадувања во однос на моторите, основната изведба на Grand Cherokee L е најавена со 3.6-литарскиот мотор со 290 коњски сили, а попребирливите ќе имаат опција и за 5.7-литарскиот агрегат со 357 коњски сили, а во двата случаи во игра е осум-степената автоматска трансмисија.
Посебно внимание е посветено на ентериерот, каде Jeep реши да ги исполни очекувањата на купувачите и се погрижи за полуксузен амбиент со модерен изглед на кокпитот, во што се вклучени и дигитална инструмент табла и 10,1-инчен централен екран на кој ќе се контролираат функциите на петтата генерација на Uconnect инфо-забавниот систем.
Повеќе содржини за Jeep: