Стории
Jeep Wrangler и Toyota – американски шампиони за најголема остаточна вредност по пет години експлоатација
Меѓу моделите, најдобар пласман обезбедил Jeep Wrangler кој со класичната и Unlimited изведбата е на првите две позиции, откако по пет години сопствениците ќе загубат 30, односно 31,5 проценти од оригиналната вредност
Автомобилите губат од својата оригинална вредност со секој поминат ден од почетокот на експлоатацијата, но првите неколку години се тие кои намалуваат најголем процент од инвестицијата која е направена за купувањето.
Остаточната вредност по 4-5 години е многу важна за купувачите кои планираат да го заменат автомобилот со нов, односно да реинвестираат во понов модел, па затоа и експертите од авто-индустријата често посветуваат внимание на факторите кои влијаат, но и конечните бројки поврзани со актуелните модели на пазарот.
Експертите на „Iseecars“ направија вреднување на актуелната понуда во Соединетите Американски Држави како втор најголем пазар во светот и ги истакнаа автомобилите кои овозможуваат најголема и најмала остаточна вредност, а исто така потенцирани се и брендовите кои имаат најдобар просек. Иако во ранкинзите има и модели кои не се дел од европската понуда, во игра се и автомобили од чиј квалитет и остаточна вредност може да се профитира и во овој регион.
Пресметката е направена за период по пет години користење, а просечната остаточна вредност на 7,7 милиони автомобили опфатени во пресметката била 49,6 проценти.
Меѓу моделите, најдобар пласман обезбедил Jeep Wrangler кој со класичната и Unlimited изведбата е на првите две позиции, откако по пет години сопствениците ќе загубат 30, односно 31,5 проценти од оригиналната вредност. Следуваат Toyota Tacoma (32,0%), Toyota Tundra (35,9%), Toyota 4Runner (36,5%) и Porsche 911 (37,2%), а во Топ 10 се уште и Honda Ridgeline, Nissan GT-R, Nissan Frontier и Subaru Impreza WRX.
– Jeep Wrangler е модел познат по својата цврстина, издржливост и безвременски дизајн. Со оглед на лојалните фанови на брендот, побарувачката секогаш ја надминува понудата на пазарот на користени автомобили и тоа влијае на високата вредност на Wrangler, вели Фонг Лу од „Iseecars“.
На спротивната страна се луксузни модели и електрични автомобили кои барем во ова истражување, задржуваат најмалку од својата оригинална вредност. Лидер е Maserati Quattroporte со 72,2%, пред BMW 7 Series со 71,3% и Nissan Leaf со 71% загубена вредност.
– Луксузните автомобили губат на својата вредност бидејќи нивните сопственици сакаат да ги продадат кога веќе не се актуелни, а купувачите на користени автомобили не сакаат да платат премиум цена во таква ситуација. Истовремено тие се скапи за одржување и тоа дополнително влијае на помалата остаточна вредност. Кај електричните автомобили негативно влијание има помалата автономија и брзото застарување на технологијата кај постарите модели, – потенцира Лу.
Лидер меѓу брендовите е Toyota, откако остаточната вредност на нејзините модели во просек е за 42,3 проценти пониска од куповната, а следуваат Ram (45,2%) и Jeep (46,3%). Брендови чија остаточна вредност во просек е најмала по пет години користење на автомобилите се Maserati (66,4%), BMW (65.0%) и Cadillac (64,9%).