Slide 1

Стории

Како функционира технологијата LIDAR и зошто Tesla ја исфрла од употреба?

Slide 1

Автомобил на британскиот производител Jaguar, ги тестира системите за автономно возење во рамките на програмата на компанијата Waymo, во сопственост на гигантот Google.

06/07/2021

“Сите оние кои ќе ја користат LIDAR технологијата се осудени на пропаст” – изјави Илон Маск во април минатата година за време на презентацијата на технологијата за автономно возење на Tesla.

Погледнете го видеото од настанот објавено на youtube каналот на Tesla кое започнува токму со цитираната реченица на Илон Маск:

Но, што претставува LIDAR и зошто служи? LIDAR е акроним кој произлегува од зборовите Light Detection and Ranging, а ја означува технологијата која овозможува автономно сопирање на возилата и веќе се вградува во голем дел од новите автомобили.

LIDAR системот се состои од сензори кои емитираат пулсирачки светлосни зраци во околината. Зраците се одбиваат од површините на објектите и се враќаат во сензорот. Потоа сензорот пресметува колку време им е потребно на зраците да се вратат и врз основа на тоа ја калкулира и далечината на објектите од кои зраците се одбиле.

Повторувањето на овој процес над милион пати во само една секунда овозможува креирање на 3D мапа од околината. Доколку LIDAR системот забележи дека некој објект се доближува на небезбедно растојание, самиот систем ги вклучува сопирачките без асистенција од возачот со цел да се избегне незгода.

Интересно е тоа што освен Tesla, сите останати производители на автомобили ја сметаат оваа технологија за основна во развојот на полуавтономното и автономното возење на нивните модели. И не само тие, туку и технолошките компании чија главна дејност е развојот на технологија за автономно возење го користат LIDAR системот. Меѓу нив е и компанијата Waymo, не многу познато име за пошироката јавност, но оваа компанија е во сопственост на компанијата Алфабет, компанијата на која припаѓа и технолошкиот гигант Google.

Waymo, заедно со Cruise – одделот во GM задолжен за развој на технологија за автономно возење, годишно минуваат по над 3 милиони километри тестирајќи ги своите автономни возила во кои е вградена и LIDAR технологијата. Дополнително, помеѓу гласините за развојот на возило од страна на Apple, кои Tim Cook не ги негираше, се провлекоа и информации дека технолошкиот гигант планира да го користи истиот сензор. Минатата година во март компанијата од Купертино го промовираше новиот iPad Pro во кој е вграден токму ваков LIDAR сензор.

Технологијата која овозможува автономно сопирање кај автомобилите од пред неколку години е практично неизбежна за еден модел да добие 5 ѕвездички на EuroNCAP тестот. Имено, согласно тековните правила на EuroNCAP, постои дуален метод на тестирање: моделите се тестираат со и без технологијата за автономно сопирање. Доколку без системот за автономно сопирање моделот добие 4 ѕвездички, производителот мора да се обврзе најмалку 25% од продадените примероци од моделот да бидат опремени со LIDAR технологијата за моделот официјално да “помине” со 5 ѕвездички на тестот.

Поддржувачите на LIDAR системот нагласуваат дека иако е поскап, сепак, тој овозможува функционалности кои камерите на пример, не можат да ги постигнат. Камерите кои се дел од визијата на Маск за иднината на автономното возење, користат вештачка интелигенција за да ја пресметаат далечината на одреден објект на една фотографија, за разлика од LIDAR системот кој многу попрецизно ја мери далечината преку споменатите светлосни зраци.

Американската вселенска агенција НАСА ја користи LIDAR технологијата за набљудување на промените на глечерите и дождовната шума во Амазон, па со тоа дополнително и дава легитимитет на оваа технологија. Но, аргументите на Маск се дека колку и да делува супериорно, слабост на LIDAR системите е во неспособноста на интелигентен начин да ги интерпретира различните ситуации од реалниот живот. За да се постигне ова, вели Маск, потребно е автономните возила да користат податоци кои произлегуваат од фотографии – слично како што луѓето ги процесираат сликите кои ги гледаат со своите очи.

Но, и покрај уверливите настапи на контроверзниот Јужноафриканец на чело на Tesla, сепак тест возила на оваа компанија опремени со LIDAR системот се забележани на локации низ САД. Според извештај на Automotive News, Tesla има тековен договор со компанија за производство на LIDAR системи – Luminar Technologies, иако ниту тие, ни Tesla ја потврдуваат оваа информација.

Маск неодамна ги уверуваше сопствениците на Tesla модели дека нивните возила веќе се опремени со хардверот кој е потребен за комплетно автономно возење и дека во иднина се планирани само надградби на софтверот. Но, како што ветувањата за подобрување на автономното возење се зголемуваат, компанијата ги отстранува технологиите кои се наизглед неопходни за да се остварат тие ветувања. Така, од неодамна Tesla не вградува ниту радари во своите Model 3 и Model Y, а истото ќе се случи постепено и со Model S и Model X. Радарот беше рефериран како клучна технологија која стои зад контроверзната “Autopilot” функциjа. Отстранувањето на радарот не е изненадување за оние кои го следат Маск на Твитер. Тој уште во 2018 твитна дека долгорочно гледано, автономното возење на автомобилите ќе се заснова на визуелни технологии.

Очигледно е дека компанијата комплетно се ориентира кон технологијата брендирана како Tesla Vision, каде Autopilot функцијата и комплетното автономно возење ќе се засноваат на камери и вештачка интелигенција која ќе го интерпретира она што камерите ќе го снимаат.

Целта е оваа вештачка интелигенција да ги доведе возилата од тековното второ ниво на автономија (каде што се наоѓаат сите производители во моментов), до крајното, петто ниво. Достигнувањето на петтото ниво значи дека нема да биде потребен возач зад воланот за возилото да може непречено да се вклучи во сообраќај. Возилата кои ќе го достигнат петтото ниво на автономија нема да имаат потреба од волан и сопирачки во кабината.

Но, достигнувањето на петтото ниво не е така лесно, ако се земе предвид дека индустријата веќе безмалку една деценија е “заглавена” во второто ниво на автономија. Имено, унапредувањето од второто во третото ниво бара значителен технолошки скок, а засега возила со трето ниво на автономија официјално не се дозволени за управување во САД и Европа.

Напуштањето на LIDAR и радар технологиите на прв поглед го прави ова толку посакувано петто ниво уште подалечно, особено по промените во третото и четвртото ниво објавени на крајот на април годинава од страна на sae.org – институцијата која ги пропишува овие стандарди, односно ги дефинира нивоата на автономно возење од нула до 5. Кликнете тука за да ја видите обновената табела со нивоата на автономно возење.

Но, контроверзниот директор на Tesla ја туркаше идејата со електричните автомобили во време кога никој во индустријата не сметаше дека е тоа бизнис кој може да биде успешен. Сега целата индустрија е во трка за имплементација на некои од трендовите кои токму неговата компанија ги воведе. Затоа, можеби е прерано да го отпишеме и во однос на неговата визија за најкусиот пат до петтото ниво на автономно возење.

Slide 1
Slide 1

Најнови содржини

VW Taigo распознава пешаци и велосипедисти и автономно сопира при брзини до 210km/h
Кабриолет изведбата на Fiat 500 пристигна во салонот на Fiat во Скопје
Електрификацијата ќе предизвика намалување на бројот на вработени во автомобилските компании
Илон Маск ќе им овозможи на конкурентите да ја користат мрежата на брзи полначи на Tesla