Стории
Концептот Skoda Vision 7S ги најавува најголемите промени за чешкиот бренд по приклучувањето кон VW Group
Кокпитот вклучува два големи екрани пред возачот и совозачот, како и еден голем екран во средината. Забележлива е и новата форма на управувачот, додека над кабината доминира огромниот панорамски кров.
Skoda пред некоклу месеци веќе објави една фотографија од концептот Vision 7S преку која открива детали за тоа како ќе изгледа дизајнерскиот правец на чешкиот бренд, кој производителот го дефинира како “modern solid”. Чесите прават големи промени и во однос на целиот концепт на ентериерот.
Skoda не планира комплетно да ги објави деталите за Vision 7S сѐ до 30-ти август. Новиот дизајнерски правец треба да започне да се имплементира во новите модели веќе од следната година.
Оваа промена значи одредено репозиционирање на брендот и негово фокусирање кон семејни активности и активности во природа.
На годишната прес конференција во март годинава, Skoda ги најави промените кои следат како најдраматични по нивното придружување на Volkswagen Group.
Според најавите, со имплементирање на новиот дизајнерски правец, Skoda планира да направи промени и во гамата. Имено, на првообјавената фотографија од Vision 7S, концептот изгледа како многу просторен SUV, дури поголем и од Kodiaq. Фотографијата упатува на прилично просторен концепт на кабината. Комплетно редизајнираниот распоред на ентериерот нуди простор за седум патници распоредени во три реда на седишта.

Широката, хоризонтално подредена инструмент табла се протега сѐ до вратите, што дава впечаток на просторност. Патниците во првиот и вториот ред се одвоени со голема централна конзола која истовремено служи и како потпирач за рацете. На фотографијата, централната конзола служи и како подлога за транспортер за бебиња.
Кокпитот вклучува два големи екрани пред возачот и совозачот, како и еден голем екран во средината. Забележлива е и новата форма на управувачот, додека над кабината доминира огромниот панорамски кров.
Но, една од клучните карактеристики и новини се двете можни конфигурации на ентериерот. Едната може да се активира при возење, додека другата при релаксирање.
Во правата конфигурација, воланот и сите контролни панели се поставени во стандардна позиција. Но, штом се активира Relax конфигурацијата, управувачот и инструмент таблата се поместуваат нанапред, додека првиот и вториот ред седишта се поместуваат наназад, овозможувајќи поголема комоција за патниците.

Овие најави навестуваат големи промени кај Skoda. Производителот планира уште три дополнителни комплетно електрични модели, кои според големината и цената ќе бидат позиционирани под Enyaq iV. Но, сите тие ќе бидат произведени во согласност со новиот дизајнерски правец.
Еден од новите модели ќе биде SUV модел кој има работно име “Elroq”. Овој модел технички ќе биде сличен со Enyaq. Освен него, Skoda ќе лансира сестрински модел на VW ID.2 со преден погон. Третиот модел би требало да биде сличен на Octavia Combi со што ќе се комплетира електричното портфолио на брендот до крајот на декадава.