Slider

Вести

Коронавирусот ја откажа Ф1 трката во Австралија и ја прекина сезоната во Формула Е

Slider

Опасната зараза ги расипа сметките и на Формула Е шампионатот каде од сезона во сезона конкуренцијата е се пожестока, а сега организаторите објавуваат дека го суспендираат првенството во наредните два месеца

13/03/2020

Ширењето на коронавирусот ги поремети плановите и на организаторите на Формула 1 и Формула Е шампионатите, во кои со свои тимови или индиректно се вклучени и автомобилските производители.

Ф1 трката во Австралија со која викендов требаше да започне новата сезона е откажана во последен момент, па иако организаторите и домаќините долго одолговлекуваа со единствената одлука која беше логична, мораа да ја соопштат лошата вест по позитивниот тест на член на тимот на McLaren.

Оваа информација предизвикала голем притисок од Mercedes, Ferrari и останатите тимови кои инсистирале на откажување на настанот во Мелбурн, нешто што утринава е потврдено и беше знак дека возачите и екипажите можат да го планираат напуштањето на Австралија.

Од McLaren соопштија дека 14 лица се во изолација поради позитивниот тест на нивниот колега, а ваквиот расплет ја прави неизвесна и следната трка во Бахреин, која првично беше преформулирана во трка затворена за публиката, односно навивачите на трибините. Претходно, уште минатиот месец трката во Кина најавена за април однапред беше одложена, а засега не е јасно дали воопшто ќе се одржи во друг термин.

Опасната зараза ги расипа сметките и на Формула Е шампионатот каде од сезона во сезона конкуренцијата е се пожестока, а сега организаторите објавуваат дека го суспендираат првенството во наредните два месеца.

Неизвесноста околу тоа кога ќе биде сериозно намален интензитетот на коронавирусот и забраните за патувања во одредени земји биле доволна причина за одговорните да ги откажат трките кои наредниов период требаше да се возат на улиците на Париз, Сеул и Џакарта.

Реално-оптимистичките очекувања се дека следната трка во Формула Е би била таа во Берлин закажана за 21 јуни, а дотогаш водството во генералниот пласман ќе го задржи Португалецот Антонио Феликс да Коста од тимот на DS Techeetah, кој освои 67 поени по првите пет трки, оставајќи ги зад себе Австралиецот Мич Еванс (Jaguar Panasonic) и Британецот Алекс Симс (BMW i Andretti).

Најнови содржини

Slider
Slider
Slider
Slider