Slide 1

Стории

Lancia од 2023 ќе го замени франшизниот со агенциски продажен модел, при што ќе цели на клиентите на Tesla и Volvo

Slide 1

Според планот, во 2026 година производителот ќе лансира компактен кросовер кој ќе биде и знаменосец на брендот.

25/11/2021

Директорот на Lancia неодамна ги најави плановите за експанзија на брендот на нови пазари.

“Планот вклучува три нови модели и нов агенциски модел на продажба” – изјави Лука Наполитано, извршниот директор на Lancia.

Lancia, започнувајќи од 2024 година повторно ќе продава автомобили надвор од Италија. Тогаш ќе бидат лансирани три нови модели меѓу кои и 5-тата генерација на малото градско возило Ypsilon, кое ќе има комплетно електрична изведба, потоа компактен кросовер со име Aurelia, како и модел во компакт класата.

Италијанскиот бренд oд 2017 година се продава само на домашниот пазар, а оттогаш ја продава само четвртата генерација на моделот Ypsilon, кој е најдолгиот модел на Mini платформата на FCA, која ја дели со Fiat 500 и Panda. Следната генерација ќе биде поставена на нова платформа развиена од Stellantis.

Наполитано, кој беше назначен за директор на Lancia на почетокот на годинава, веднаш по спојувањето на FCA и PSA во Stellantis, изјави дека проширувањето на продажбите во Европа ќе започне во 2024 година со Австрија, Белгија, Франција, Германија и Шпанија, по што е планиран повторен влез и во Велика Британија.

Од воведувањето на моделот Ypsilon (тогаш дебитираше со ознаката Y10) во 1985 година, Lancia успеа да продаде 3 милиони примероци од моделот.

Следната генерација ќе биде прва која ќе има и комплетно електрична изведба, како и последна која ќе има изведба со мотор со внатрешно согорување (дополнет со 48-волтен хибриден погон). Следните модели ќе бидат комплетно електрични автомобили, изјави Наполитано.

Според планот, во 2026 година производителот ќе лансира компактен кросовер кој ќе биде и знаменосец на брендот. Можно име за овој модел е Aurelia, а 2 години подоцна ќе биде претставен и новиот Delta модел преку кој Lancia ќе биде застапена во компакт класата.

Дизајнот на трите нови модели е под надзор на Жан-Пјер Плу, човек од доверба на Карлос Таварес, извршниот директор на Stellantis групацијата.

Таварес го групираше брендот Lancia заедно со Alfa Romeo и DS, во посебен премиум кластер на брендови во рамките на групацијата.

Наполитано изјави дека соработката со директорите на Alfa Romeo и DS, Жан-Филип Импарато и Беатрис Фушер, е добредојдена во обидот за креирање на синергија и заштеда на инвестиции и продукциски трошоци, при што ќе се обидат да направат јасна диференцијација помеѓу производите на трите бренда.

“Lancia ќе донесе јасен италијански дизајнерски стил, со меќи материјали и одличен квалитет” – изјави Наполитано

Репозиционирање на брендот

Наполитано сака да привлече нов профил на купувачи на моделите на Lancia. Во моментов, две третини од купувачите се жени, со просечна возраст од 45 години, без деца во нивното семејство. Планот е идните модели подеднакво да привлечат купувачи од двата пола, со просечна возраст од 55 години и со барем едно дете кое сè уште е присутно во семејниот дом.

Профилот на идниот купувач на Lancia го карактеризира како прогресивна културна влијателна личност. “Урбаниот купувач е пред времето, не прифаќа статус кво и бара промени, па природно би требало да биде привлечен од електричните автомобили и купувањето преку интернет” – додава Наполитано.

Според него, Lancia забележува поврзаност помеѓу профилот на своите идни клиенти и тековните клиенти на брендовите Tesla и Volvo, како и купувачите на електричните модели на Mercedes.

Од франшизи до продажни агенти

Се планира и еволуирање на продажниот модел на брендот. Во втората половина на декадава, околу половина од купувачите на брендот ќе изберат купување на својот автомобил преку интернет, што ќе предизвика потреба за намалување на бројот и големината на продажните салони.

“Нашата замисла е да имаме околу 100 продажни салони во 60-тина европски градови” – додава Наполитано, потенцијрајќи дека не се работи за дедицирани простори во салони на други брендови, туку засебни локации со помала површина од околу 80 до 140 метри квадратни.

Како и со останатите два бренда од премиум групата на Stellantis, започнувајќи од 2023 година и Lancia ќе премине на агенциски модел на продажба.

При традиционалниот продажен модел преку франшиза, дилерот ја поседува залихата на возила која потоа им ја продава на купувачите. Дилерите кои функционираат врз основа на франшиза имаат повисоки трошоци – вклучувајќи ги и оние за корпоративниот идентитет на продажниот салон, кои се надоместуваат преку вкалкулирање на поголеми маржи.

При агенцискиот продажен модел, производителот ја задржува сопственоста на залихата сè додека возилото не се продаде на крајниот купувач, без оглед дали купувачот е физичко или правно лице. Локалните дилери ќе имаат помали маржи, но и нивните трошоци ќе бидат помали, поради фактот што финансирањето на залихите и корпоративниот идентитет ќе бидат на товар на производителот.

Наполтано не ги елаборираше маржите кои ќе бидат понудени на продажните дилери, изјавувајќи дека дискусиите на темата сè уште траат. Но, наведе дека брендот ќе има симплифицирана понуда, со предефинирани нивоа на опрема за да се олесни логистиката на производство и управување со залихите.

Таварес сè уште не ги објави продажните и профитни таргети на Lancia. Се очекува тие да бидат дел од деталниот план за сите 14 брендови, кој ќе се објави на почетокот на 2022 година. 

Slide 1
Slide 1
Slide 1
Slide 1
Slide 1
Slide 1

Најнови содржини

Renault ќе го замени Kadjar со Austral – нов компактен SUV кој ќе има и плаг-ин хибридна изведба
Караван изведбата на Opel Astra ќе атакува на позицијата на Skoda Octavia – бестселерот во сегментот во Европа
Porsche во 2024 ќе ги лансира новите батерии со силициумски аноди и 10 пати поголема енергетска густина
Stellantis ја зголеми автономијата на електричните модели на Opel и Peugeot преку нови пневматици од Continental