Стории
Lexus ќе произведува возила на исти производни ленти со Toyota заради зголемување на ефикасноста
Новиот електричен кросовер, Lexus RZ, ќе се произведува во истата фабрика и на истата производна лента заедно со Toyota bZ4X.
Lexus, премиум брендот во сопственост на Toyota, кој минатата година оствари продажба на околу 6,000 електрични возила, планира да произведува 1 милион електрични возила годишно, но по 2030-тата година.
Сепак, остварувањето на оваа цел е комплициран процес.
“Влегувањето во електричната ера подразбира дека премиум брендот ќе треба да развие електрични возила, но ќе мора да развие и производни процеси според кои возилата ќе се произведуваат”, вели Такаши Ватанабе, главен инженер во Lexus Electrified, одделот во Lexus кој треба да овозможи транзиција на брендот кон електричните возила.
Toa подразбира пофлексибилно производство, вклучувајќи повеќе производни линии посветени на електрични возила, па дури и наизменично производство со моделите на Toyota.
Промената подразбира и развој на нов продукциски систем за целата Toyota Group, кој ќе овозможи побрз развој на производите.
“Многу е тешко комплетно да се преориентирате на електрични возила и притоа да задржите одржлив бизнис”, додава Ватанабе. “Ние мораме да го намалиме трошокот за батериите и да креираме комплетно нов производствен процес”.
Lexus во 2024 ќе го пресели своето седиште во техничкиот центар на Toyota, што треба да овозможи поедноставен процес на креирање на електричните модели, и да ја олесни транзицијата на брендот кон електричната иднина.
Оваа промена треба да игра клучна улога во транзицијата на Lexus во исклучиво електричен бренд во Европа, САД и Кина до 2030 година, како и во остварување на планот за годишно производство и продажба на 1 милион возила.
За да се олесни процесот, електричните возила на Lexus ќе бидат поддржани од производна инвестиција од страна на Toyota. Наизменичното производство на двата бренда е нешто што Toyota Motor долго време го избегнуваше.
Но, новиот електричен кросовер, Lexus RZ, ќе се произведува во истата фабрика и на истата производна лента заедно со Toyota bZ4X. И двата модела се поставени на истата платформа, што го прави поефикасен целиот процес.
Ваквата практика е малку користена од страна на Toyota. Низ сите фабрики на Toyota во светот, само четири производни ленти комбинираат производство на Toyota и Lexus модели.
Една од нив е фабриката во Цуцами, која произведува седанот Lexus ES, заедно со Toyota Camri и Corolla. Уште еден таков пример е фабриката во Тахара, каде Lexus GX се произведува паралелно со Toyota 4Runner и Land Cruiser Prado. Третиот пример е производна линија на која заедно се произведуваат Lexus LX и Toyota Land Cruiser. Последниот пример е фабриката во Кембриџ, Онтарио, каде заедно се произведуваат Lexus NX и Toyota RAV4.
Ваквите комбинирани производства се полесни кога се работи за модели поставени на e-TNGA платформата, која Toyota ја воведе за производство на електрични модели.
Сепак, Lexus не планира да избрзува со транзиција кон комплетно електрични модели.
“Доколку бранот на електрифицкација земе замав, Lexus ќе може да одговори со своите хибриди. Но, доколку тој бран биде сѐ поголем, Lexus ќе мора да овозможи 1 милион годишно произведени возила. Не знаеме точно кога ќе се случи тоа, но ќе бидеме подготвени”, завршува Ватанабе.