Вести
Maserati го презакажа настанот на кој требаше да ја претстави иднината на брендот
Италијански Maserati реши уште отсега да го одложи настанот на кој требаше да биде најавено новото поглавје на брендот, во кое главна улога ќе имаат електрифицираните модели.
Настанот предвиден на домашен терен, односно во Модена за месец мај, сега е префрлен за септември, со што во Maserati се надеваат дека кризата предизвикана од коронавирусот дотогаш ќе спласне и ќе можат да го реализираат ивентот поврзан со иднината на производителот.
Дополнителен повод за собирање на медиумите во Модена требаше да биде претставувањето на наследникот на легендарниот MC12 или супер автомобилот кој е најавен со името MC20 и досега Maserati од него објави само звук од моќниот мотор и неколку прототип фотографии.
Во однос на електрификацијата, плановите се во финишот на годината да биде претставен хибриден Ghibli, a од следната година на сцена стапуваат електричните GranTurismo и GranCabrio. Во 2021 година треба да се очекува и нов модел, односно кросовер поставен во понудата под Levante.
Покрај одложувањето на настанот за претставувањето на стратегијата за идните години, Maserati во меѓувреме мораше привремено да ја затвори и фабриката во Модена.