Slide 1

Стории

Мате Римац – кога создавањето на најбрзиот автомобил на светот ви е само спореден бизнис

Slide 1

"Само за споредни компоненти како што се светлата, добавуавчите ни бараа минимална нарачка во вредност од околу 10 милиони евра" - вели Мате. Заради тоа биле приморани компонентите да ги произведуваат тие самите.

12/07/2021

Насловот привлекува внимание и се надоврзува на многуте наслови за хравтскиот иноватор кои оваа пролет ги преплавија медиумите: “Римац го претстави најбрзиот продукциски автомобил во светот”, “Rimac Automobili го купува Bugatti”…

Да, Мате Римац навистина е на врвот на својата слава. Моделот Rimac Nevera, забрзува од 0-100km/h за само 1.85 секунди, и му го зема приматот на Bugatti Chiron како најбрз продукциски автомобил на светот.

Но, како овој Хрват кој потекнува од сиромашно семејство успеа да се искачи на врвот на автоиндустријата? За да го сфатиме вртоглавиот успех на Римац, мора да се вратиме барем една деценија наназад.

Мате во средношколските денови бил национален првак на Хрватска во областа “електроника и иновации”, а на 17-годишна возраст веќе имал два регистрирани “патенти”.

Токму со парите од иноваторските награди на 18-годишна возраст купил користена “BMW 3 Series” од 1984 година со намера да се натпреварува со неа.

Но, набргу, за време на една трка на патеката “Гробник” моторот на возилото експлодирал. По незгодата по која неговиот автомобил останал без мотор, Мате добил невообичаена идеја: решил да ги спои своите две пасии – љубовта кон автомобилите и кон електричната енергија и да вгради електричен мотор во “тројката”. По електрификацијата на својот автомобил Мате успеал да постави 5 брзински светски рекорди кои се однесуваат на електрични автомобили.

Инспириран од овие успеси, тој решил да го креира најбрзиот електричен автомобил на светот. Во 2011 го промовира “Concept_One” кој беше произведен во само 8 примероци, за во март 2018 во Женева да го претстави и “C_TWO”.

Тој бил еден од ретките кој пред 12 години верувал дека може да докаже дека електричните возила може да бидат интересни, брзи и подобри од моторите со внатрешно согорување.

Мате често во своите интервјуа нагласува дека во првите неколку години од основањето на компанијата постојано се бореле за опстанок и често не знаел дали ќе успеат да “преживеат” до следниот месец. Дури и во 2018 година во едно интервју за HTV изјави дека се уште шансите да не успее се поголеми од оние да успее.

Овие размислувања не се нереални. Бариерите за влез во автомобилската индустрија се многу високи. Повеќе од стотина обиди за креирање на нови автомобилски компании завршија без успех. Имено, во САД, Tesla e единствена автомобилска компанија која во последните 60-тина години успеала да разивие сериско производство на автомобили.

Првичните идеи на Мате Римац се засновале на идејата секое од четирите тркала да биде придвижувано од посебен електричен мотор. Тој едноставно сакал да направи автомобилски бренд кој ќе произведува мала бројка на брзи спортски автомобили, по примерот на италијанскиот Pagani.

Но, набргу ја почувствувал суровата реалност на автомобилскиот бизнис. Влезните трошоци во автоиндустријата се премногу големи за нови, мали производители. Заради тоа, хрватскиот иноватор не крие дека секој месец биле на работ на банкрот.

Пресвртната точка е моментот кога во 2018 година Porsche реши да инвестира во Rimac Automobili по долги преговори кои започнаа уште во 2015 година. Тогаш, нагласувајќи го успехот, Мате со задоволство потенцираше дека инвестицијата на Porsche во Rimac е исклучок за германскиот производител на спортски автомобили. “Никогаш претходно Porsche не инвестирал во друга компанија” – вели Мате. Затоа овој потег не помина незабележано. Само една година подоцна, Hyundai се вклучи како дел од инвеститорите во хрватската компанија.

galerija1
Rimac Nevera
Моделот Rimac Nevera, забрзува од 0-100km/h за само 1.85 секунди, и му го зема приматот за најбрз автомобил на светот на Bugatti Chiron.
galerija1
Concept 1
Во 2011 Rimac го промовира "Concept 1" кој беше произведен во само 8 примероци, за во март 2018 во Женева да го претстави и "Concept 2".
galerija1
BMW M3 како инспирација
Мате Римац на 18-годишна возраст купил користена "BMW 3 Series" од 1984 година. Откако вградил електричен мотор, Мате со својот автомобил успеал да постави 5 брзински светски рекорди.
galerija1
Производство на "Concept 2"
Rimac Automobili денес вработува повеќе од 1.000 меѓу кои некои од најдобрите таленти во индустријата (меѓу кои и бивши вработени во Ferarri, Tesla, BMW и Honda).
galerija1
20-тина уништени автомобили при тестирање
За добивање на сертификат за хомологација, производителот мора да биде подготвен да "жртвува" барем 20-тина примероци кои на крајот од процесот на тестирање ќе бидат уништени.

претходна
следна

Пред една деценија тимот се состоел од осуммина, а сега вработува повеќе од 1.000 меѓу кои некои од најдобрите таленти во индустријата кои од над 40 различни држави се преселија да работат во Rimac Automobili во близината на Загреб. Во тимот има и бивши вработени во Ferarri, Tesla, BMW и Honda.

Но, она што е помалку познато е дека Rimac Automobili до неодамнешното преструктуирање се состоеше од два посебни оддела. Првиот е посветен на креирање на најбрзите електрични автомобили, а вториот развива EV технологии и компоненти за 12-тина од најголемите автомобилски брендови во светот. Токму компонентите кои ги добиваат од овој мал хрватски производител се клучни за производството на хибридните и електричните автомобили кои во моментов се во подем.

Компонентите со кои Rimac ги снабдува големите производители се состојат од системи за батерии, “е-axle” (систем кој вклучува електричен мотор, напојување и трансмисија), инфотејнмент системи и системи конективност.

Но, како иноваторот воден од желбата за креирање на најбрзите спортски автомобили стана еден од клучните добавувачи на компоненти за големите автомобилски брендови?

Токму тука се крие тајната за успехот на Rimac. Како што самиот Мате изјавува, многу бргу по основањето на компанијата, сфатил дека развивањето на нов автомобил носи финансиски предизвици кои една мала компанија не може да ги совлада. Имено, со оглед на фактот дека сите големи производители соработуваат со голем број на добавувачи кои ги испорачуваат компонентите за автомобилите, кога Мате се обидел да воспостави таква соработка со некои од нив, бил одбиен буквално од сите.

Како што тој изјавува: “само за споредни компоненти како што се светлата, добавувачите ни бараа минимална нарачка во вредност од над 10 милиони евра”. Заради тоа биле приморани компонентите да си ги произведуваат сами.

Од друга страна, развивањето на било која технологија нема пазарна логика доколку ја вградите во само двоцифрен број на спортски автомобили кои ќе ги продадете, па дури и ако цената на еден примерок изнесува 2 милони евра, како во случајот со неодамна претставениот “Rimac Nevera”. Корисно е оваа технологија да им ја продадете и на автомобилските групации кои произведуваат и над 10-тина милиони примероци годишно.

И покрај високата продажна цена на овие супер-спортски автомобили, нивното производство е премногу комплицирано и скапо бидејќи машините, опремата и процесите за нивно производство не се сериски.

Само за да добие сертификат за хомологација, производителот мора да биде подготвен да “жртвува” барем 20-тина примероци кои на крајот од процесот на тестирање ќе бидат уништени. Имено, условите за хомологација која е неопходна за продажба и регистрација на овие спортски автомобили се идентични како и за сериските модели кои потоа, за разлика од моделите на Rimac, ќе се произведат во стотици илјади примероци. Концептот “C_TWO” на пример, мораше да помине дури 830 различни тестови за да може да добие дозвола за да се продава во САД.

Заради ваквата реалност, Мате Римац бил приморан да започне да произведува компоненти за автомобилските производители како главна дејност, а од нивната продажба да го финансира развојот на најбрзите електрични автомобили, кои како што вели тој, ги развивале тогаш кога ќе им останело доволно време.

Но, на крај токму оваа флексибилност на младиот Хрват се покажа како рецепт за опстанок. Таквата поставеност на компанијата со два посебни оддела е основа за преструктруирањето кое всушност беше повод за неодамнешниот настан на Rimac Automobili во Дубровник.

Имено, двата оддела кои ја сочинуваа Rimac Automobili отсега ќе бидат одвоени во две посебни компании во сопственост на новоформираната Rimac Group. Првата, “Bugatti Rimac” која ќе продолжи да развива спортски електрични автомобили и другата, “Rimac Technology” – која ќе развива електрични компоненети за автомобилските производители.

Rimac Automobili ќе биде сопственик на 100% од капиталот на Rimac Technology, додека во Bugatti Rimac тој ќе има мнозински удел од 55%. Останатите 45% ќе бидат сопственост на Porsche.

Во прилог делот од презентацијата во која Мате ја објаснува новата сложена сопственичка структура на компаниите:

Важно во целата трансакција е дека и Bugatti и Rimac ќе останат како посебни брендови и ќе продолжат со развој на нови модели во иднина.

Финансискиот директор на Porsche, Lutz Meschke на сцената во Дубровник изјави дека луѓе како Мате се појавуваат многу ретко во автомобилската индустрија. И веројатно нема патерн кој може да ви покаже кој профил на човек може да биде следниот голем иноватор кој ќе го освои светот.

Скромноста и пожртвуваната работа се сигурно некои од сигналите. Подготвувајќи ја сторијава изгледавме и едно интервју во кое Мате Римац споделува детали од свеото детство кое го поминал во Германија. Имено, тој не крие дека дел од детството го поминал со својата мајка која работела како чистачка во некои од хотелите, па и тој со неа таму го минувал времето.

Оние кои го запознале, споделуваат впечатоци за скромен дечко. Сличен впечаток сподели и тогаш уредникот на autofocus.mk, Блашко Вељановски кој го запозна Мате Римац на саемот за автомобили во Франкфурт пред околу 2 години.

Инспирацијата од своите идоли во креирањето на електрични автомобили ја нагласува и Мате, повикувајќи се на Никола Тесла. Пред повеќе од еден век тој морал да замине во САД за да ја реализира својата идеја за наизменична струја во фабриката на Томас Едисон. Неговиот наследник, сега за сега успева иновациите да ги реализира во својаа компанија во својата Хрватска.

Slide 1
Slide 1

Најнови содржини

VW Taigo распознава пешаци и велосипедисти и автономно сопира при брзини до 210km/h
Кабриолет изведбата на Fiat 500 пристигна во салонот на Fiat во Скопје
Електрификацијата ќе предизвика намалување на бројот на вработени во автомобилските компании
Илон Маск ќе им овозможи на конкурентите да ја користат мрежата на брзи полначи на Tesla