Вести
Mazda CX-30 постави импресивен рекорд на Euro NCAP тестовите
Најмногу импресионираше Mazda CX-30, откако новиот SUV модел на јапонскиот бренд успеа да стигне до резултат од 99% во категоријата безбедност за возрасни патници
Последната група автомобили кои се појавија на Euro NCAP краш тестовите за безбедност постигнаа повеќе од солидни резултати, исполнувајќи ги очекувањата на производителите.
Најмногу импресионираше Mazda CX-30, откако новиот SUV модел на јапонскиот бренд успеа да стигне до резултат од 99% во категеројата безбедност за возрасни патници.
Со овој резултат, CX-30 постави нов рекорд во историјата на Euro NCAP и му недостасувало многу малку за да добие перфектен резултат. Оваа Mazda успеа минимално да ги надмине досегашните рекордери Alfa Romeo Giulia, Mazda 3, Volvo XC60 и Volvo XC90 кои исто така котираат високо во овој сегмент.
Во останатите три категории, Mazda CX-30 исто така не разочара, па во заштитата за деца патници доби 86%, 80% во однос на заштитата на пешаците и 77% за безбедносните системи со кои располага.
Пет ѕвезди од EuroNCAP добија и Mercedes GLB (92%/88%/78%/74%) и Ford Explorer (87%/86%/61%/76%), додека Opel Corsa доби четири ѕвезди (84%/86%/66%/69%).
Интересно е да се потенцира дека новата генерација на Corsa постигна солидни резултати во однос на безбедноста на возрасни и деца патници, но не успеа да добие пет ѕвездички поради само еден процент кој и недостасувал кај безбедносните системи во основната верзија која била тестирана.