Стории
Mercedes-Benz, сепак, реши да развие сопствен оперативен систем, кој само делумно ќе користи надворешни платформи
Новиот оперативен систем ќе дебитира кон средината на декадава на новата Mercedes Modular Architecture платформа, на која ќе биде поставена и новата генерација на A-Class.
Долго најавуваниот оперативен систем на Mercedes-Benz ќе дебитира за околу 2 години, заедно со новата платформа наменета првенствено за електрични возила, која ќе биде основа за автомобили од C и E сегментите.
Новиот оперативен систем вчера беше претставен од страна на германскиот премиум производител за време на настан во Калифорнија. Тој е резултат на технолошки развој во рамки на компанијата, но Германците соработуваа и со повеќе надворешни компании во четири клучни области: инфотејнмент, автономно управување, комфорт и погонот.
“Ние сме артитекти на системот”, изјави Маркус Шефер, главниот директор за технологија на Mercedes-Benz за време на настанот во Калифорнија во средата.
Ола Калениус, главниот извршен директор на Mercedes, го опиша новиот оперативен систем наречен MB.OS како “креиран со намена, но отворен за партнерства”.
Новиот оперативен систем ќе дебитира кон средината на декадава на новата Mercedes Modular Architecture платформа, на која ќе биде поставена и новата генерација на A-Class.
Со новата платформа, Mercedes се надева дека ќе направи исчекор пред останатите премиум производители во однос на технолошките можности на своите модели.
Дел од нив, како што е на пример, Volvo, веќе го прифатија оперативениот систем на Google, наречен Android Automotive, а уште еден технолошки гигант, Apple паралелно развива свој оперативен систем кој треба да ги преземе буквално сите интерфејси во возилата на кои се прикажуваат податоци во врска со возењето.
Пристапот на Mercedes со самостоен развој на оперативен систем за своите возила е наметнат поради флексибилноста, според Михаел Хафнер, заменик претседател во Mercedes-Benz, кој е вклучен во развојот на MB.OS.
“Ние мораме да го поседуваме целиот процес”, изјави тој. “На тој начин побрзо развиваме нови функционалности и добиваме предност”.
Новиот оперативен систем, сепак, ќе пристапува и до услуги и содржини од технолошките провајдери.
На пример, од Mercedes потврдија дека развиваат брендиран систем за навигација врз основа на сопствените податоци, но со можност за навигација преземена од Google Maps платформата.
Системот ќе ги комбинира податоците од Google во реално време со сопствените податоци на Mercedes-Benz, како што е на пример, потрошувачката на енергија, наполнетоста на батеријата и слично, за да овозможи попрецизна проекција за преостанатата автономија, давање на препораки за тоа кога и каде може да се направи следното полнење на батеријата и слично.
Истовремено, Германците партнерски со NVIDIA и Luminar развиваат платформа за третото ниво на автономно управување, за кое во моментов Mercedes-Benz има дозвола во сојузната држава Невада.
Интересен е фактот што во 2022 година Mercedes-Benz генерирал над 1 милијарди евра приходи врз основа на дигитални услуги, како што се навигацијата и надградбите на мапите. Се очекува до крајот на годината овие приходи да бидат десеткратно повисоки.