Вести
Mercedes за електричната G-Class ќе користи нови батерии со силициумски, наместо графитни аноди
Батериите се произведуваат од релативно нова компанија, Sila Nanotechnologies, која користи аноди од силициум, и поради тоа тие имаат 20 до 40% поголема енергетска густина споредено со батериите кои денес се вградуваат во електричните автомобили.
G-Class Endurance Vampire
Mercedes-Benz ќе биде првиот производител во автомобилската индустрија кој ќе инкорпорира нови батерии со поголема енергетска густина, планирани да дебитираат во најавениот електричен G-Class.
Овие батерии се најавуваат како решение за проблемот на придвижување на оние електрични модели кои се големи и тешки, без притоа да стануваат уште потешки како резултат на тешките батерии.
Батериите се произведуваат од релативно нова компанија, Sila Nanotechnologies, која користи аноди од силициум, и поради тоа тие имаат 20 до 40% поголема енергетска густина споредено со батериите кои денес се вградуваат во електричните автомобили.
Силициумот е алтернатива на почесто користениот графит. Дури 70% од графитот доаѓа од Кина. Tesla уште во 2020 година најави дека ќе започне да ги користи силициум во своите батерии.
Но, Mercedes-Benz е првиот производител кој јавно објави дека станува клиент на Sila Nanotechnologies. Компанијата со седиште во Калифорнија, инвестира неколку стотици милиони долари во отворање на нова фабрика во државата Вашингтон, која треба да биде подготвена во 2024.
Mercedes-Benz исто така, има и мал сопственички удел во Sila, која, покрај со Mercedes, соработува и со михенскиот премиум производител BMW.
Компанијата Sila е основана од инженер кој претходно работел во Tesla, а во моментов нејзината вредност е проценета на 3.3 милијарди долари.
“Овозможување на толку голема енергетска густина е огромна промена и ни дава можност да размислуваме во однос на комплетно нови правци при развивањето на идните електрични автомобили”, изјави Маркус Шефер, главен директор за технологија во Mercedes.
Инаку, G-Class е еден од најскапите модели во гамата на Mercedes, па во овој момент има сѐ побитна улога во стратегијата на производителот за зголемување на маржите, со што ќе се финансира транзицијата кон електричната ера.
Што се однесува до самиот процес на функционирање на батериите, при нивно полнење, јоните се дижат од катодата кон анодата, додека при нивно празнење, процесот е обратен.
Конвенционалниот материјал од кој се прават анодите е графитот, но инженерите веќе некое време експериментираат со силициумот како алтернатива на графитот, со што би се развила батерија која би имала поголема енергија.