Slide 1

Новитети

Напреден SYNC4 систем и редизајниран преден дел во фејслифтот на Ford Focus

Slide 1

На фејслифт моделот, логото на Ford е поместено на решетката од ладилникот, наместо на хаубата каде претходно беше поставено. И светлата за магла се поместени, сега се наоѓаат повисоко до предните светла.

18/10/2021

Ford го обновува својот бестселер во компактната класа за следната 2022 година. За првпат инфотејнмент системот SYNC 4 се вградува во Focus, а има забележливи промени и во дизајнот.

Focus е дел од гамата на Ford уште од 1998 година. Неодамна производителот го претстави фејслифтот на четвртата генерација од моделот, при што воочливо е дека дизајнерскиот тим направил комплетна промена на надворешниот преден дел. Од аспект на технологијата, најголемо унапредување е вградувањето на новата генерација на SYNC инфотејнмент системот. Производството на обновениот Focus ќе започне во јануари следната година.

Тековната генерација на Focus се произведува од 2018 година. Очекувано, и по фејслифтот нема да има промени на платформата. Заради тоа, димензиите и багажниот простор остануваат непроменети. Но, тука е Active изведбата, која има безмалку три сантиметри поголем клиренс, па му дава кросовер изглед на обновениот Focus.

Според информациите, SYNC4 инфотејнмент системот ќе биде вграден во сите нивоа на опрема, освен основното, кое ќе продолжи со SYNC3. 

Забележливо е дека премиум изведбата под името Vignale повеќе нема да биде дел од портфолиото. Наместо неа, од следната година, купувачите ќе може да изберат помеѓу “X” и “Vignale” пакетите кои ќе бидат дел од ST-Line, Titanium и Active нивоата на опременост.

“X” пакетот во некои од европските земји ќе чини околу 1,400 евра. Тој вклучува задна камера, амбиентално осветлување и индукциско полнење на мобилен телефон. “Vignale” пакетот, пак, ќе биде достапен за нешто над 2,000 евра и ќе вклучува зимски пакет, кој овозможува загревање на воланот, предните седишта и ветробранското стакло. 

Како што се забележува од фотографиите, најголемите визуелни примомени се направени во предниот дел. Дизајнот на хаубата прави предниот дел на Focus да изгледа повпечатливо. На фејслифтот, логото на Ford е поместено на решетката од ладилникот, наместо на хаубата каде претходно беше поставено. И светлата за магла се поместени, сега се наоѓаат повисоко до предните светла. Празниот простор лево и десно од решетката, дизајнерите го пополниле со рамки кои верираат во зависност од нивото на опременост. По фејслифтот, LED светлата ќе бидат стандардни. Бидејќи тие заземаат помалку простор, дизајнерите ги редизајнирале, па сега делуваат помодерно и во покомпактна форма. 

И решетката е комплетно променета, а тука најголема разлика се забележува кај ST-Line и ST изведбите. Во задниот дел внимание привлекува дизајнот на светлата, кои се поделени на два дела. Едниот дел е поставен на капакот од багажникот, па штом тој се затвори, се формира целина со вториот дел од светлата.

Што се однесува до ентериерот, најголема промена е SYNC 4 инфотејнмент системот. Според производителот, новата генерација е значително технолошки понапредна од претходната. Голем дел од физичките копчиња на централната конзола се отстранети, па возачот ќе мора почесто да го користи екранот, кој е со дијагонала од 13,2 инчи.

Дел од копчињата кои недостасуваат се оние за контрола на температурата или греењето на седиштата. Од Ford уверуваат дека возачот ќе може да пристапи до саканата функција со само едно или најмногу две кликнувања на екранот. 

Системот за навигација на SYNC4 користи податоци за сообраќајот во реално време за да може да му ја понуди најсоодветната рута на возачот во дадениот момент (во одредени земји). Корисна функционалност е можноста за пребарување на слободно паркинг место во близина. Во некои земји, системот ќе овозможува податоци за слободни паркинг места со вклучена цена, тип на паркинг место, како и работното време на паркингот или катната гаража.

Оваа функционалност би требало да му заштеди време на возачот, кое инаку би го потрошил во барање на слободно паркинг место.

Според најавите, фејслифтот има големо унапредување во системот за гласовни команди, па отсега софтверот семантички ќе ги поврзува зборовите со нивното значење. На пример, доколку возачот го изговори зборот “чадор”, софтверот ќе му прикаже и податоци за временската состојба. 

SYNC4 овозможува поврзувањето со Apple Carplay и Android Auto да биде безжично. 

Останатиот дел од ентериерот е сличен како и досега. Најавена е разлика во седиштата за ST изведбата. Досега беа произведувани од добавувачот Recaro, но менаџментот на Ford реши отсега да бидат од сопствено производство.

Од системите за асистенција во возењето, присутни се очекуваните функционалности, како што е системот за предупреудвање за возило во “мртов агол”, кој освен што му сигнализира на возачот, исто така, го оневозможува менувањето на коловозна лента кога тоа не е безбедно. 

Овој систем функционира на брзини помеѓу 65 и 200 km/h. Тој ги скенира коловозните линии 20 пати во секунда, на растојание до 28 метри од Focus. Системот вклучува и Cross-Traffic-Alert, кој го предупредува возачот за возило при излегување наназад од паркинг место. Доколку возачот не реагира на предупредувањето, системот за итно сопирање ќе реагира наместо него.

Ford минатата година веќе ја оптимизираше понудата на мотори. Производителот го дисконтинуираше 1.5-литарскиот бензински мотор со три цилиндри. 

Сега 1.0-литарскиот EcoBoost ќе биде достапен со 100, 125 или 155 hp. Бензинскиот мотор со 125 hp е достапен и како благ хибрид со 48-волтна технологија. За првпат MHEV изведбите ќе може да се нарачаат со 8-степена автоматска трансмисија. 

Моторот со сила од 155 hp ќе може да се нарача само како благ хибрид, додека моторите со 100 и 125 hp ќе бидат достапни само со мануелна трансмисија. 

Важна предност на автоматската трансмисија кај хибридните изведби е нејзината ефикасност. 

Оние кои ќе сакаат да купат дизел, ќе може да го изберат 1.5-литарскиот мотор со 90/120 hp и четири цилиндри. Посилниот мотор ќе може да се комбинира со мануелна или автоматска трансмисија. 

Логично, најсилинте мотори се во Focus ST. 2.3-литарскиот мотор со четири цилиндри има сила од 280 hp, и вртежен момент од 420 Nm. Купувачите ќе може да изберат помеѓу мануелна или 7-степена автоматска трансмисија. Сите изведби со мануелна трансмисија имаат 6 степени на пренос.

Slide 1
Slide 1
Slide 1
Slide 1
Slide 1
Slide 1

Најнови содржини

Renault ќе го замени Kadjar со Austral – нов компактен SUV кој ќе има и плаг-ин хибридна изведба
Караван изведбата на Opel Astra ќе атакува на позицијата на Skoda Octavia – бестселерот во сегментот во Европа
Porsche во 2024 ќе ги лансира новите батерии со силициумски аноди и 10 пати поголема енергетска густина
Stellantis ја зголеми автономијата на електричните модели на Opel и Peugeot преку нови пневматици од Continental