Стории
Недостигот од полупроводници предизвика промена во продажните канали на автопроизводителите
Интерните продажби/регистрации и продажбите на рентакар компаниите вообичаено се проследени со попусти од 30 до 40%, за разлика од продажбите на индивидуалните купувачи кои се движат помеѓу 10 и 15%, и оние на флотните купувачи кои добиваат попуст помеѓу 15 и 20%.
Недостигот од полупроводници влијаеше на намалување на продажбите, но сѐ уште не е јасно како ќе се одвива побарувачката штом производството на автомобили се врати во нормален колосек.
Со оглед на поголемата побарувачка во однос на понудата, во моментов автомобилските производители успеваат лесно да ги продадат сите автомобили што ќе ги произведат, по нешто повисоки цени, на индивидуални и флотни купувачи, што во моментов им носи рекордна добивка дури и при значително намален обем на продажба.
Забележлив е трендот на намалување на продажбите кои се однесуваат на интерни регистрации и продажби на рентакар компании.
Имено, интерни регистрации се однесуваат на оние автомобили кои автомобилските производители ги регистрираат самостојно за сопствени потреби, како што се демо возила, возила наменети за медиумите, возила за своите вработени и слично.
Ваквите регистрации во Европа бележеа нагорен тренд во последните десетина години, сѐ до почетокот на пандемијата. Но, во последните две години, учеството на ваквите продажби во вкупните продажби се намалува.
Слично е и со продажбите на рентакар компаниите. По олабавувањето на мерките во последните неколку месеци, Европјаните беа изненадени при планирањето на своите пост-ковид патувања: цените за изнајмување на возила од рентакар компаниите пораснаа, а достапни се сѐ помал број на возила за изнајмување.
Но, токму намалувањето на овие два продажни канали е нешто што им овозможува на автомобилските производители да остварат добивка и при помал обем на продажба.
Имено, интерните продажби/регистрации и продажбите на рентакар компаниите вообичаено се проследени со попусти од 30 до 40%, за разлика од продажбите на индивидуалните купувачи кои се движат помеѓу 10 и 15%, и оние на флотните купувачи кои добиваат попуст помеѓу 15 и 20%.
Но рентакар компаниите се клучни за долгорочните стратегии на автомобилските производители. Volkswagen Group на пример, неодамна ја купи рентакар компанијата Europcar, име кое планира да го користи како основа за својата стратегија при нудење на услуги поврзани со мобилноста во иднина.
Продажбата на рентакар компаниите носи и одредена форма на бесплатно рекламирање, односно можност потенцијалните купувачи да се уверат во квалитетот на автомобилот пред да го купат.
Останува да видиме како ќе се одвива односот помеѓу побарувачката и понудата и како автомобилските производители ќе реагираат на промена на пазарните услови.
Според финансиските показатели од минатата година, автомобилските групации покажаа на дело дека иако имаат огромна и сложени структура, сепак, можат да бидат флексибилини и бргу да се променат кога ситуацијата тоа го налага.