Новитети
Nikola подготви електричен пик-ап како одговор на амбициите на Tesla
Погонот на Badger е интересна комбинација бидејќи електро-моторите ќе користат енергија од 160 kWh батерија и друг извор на енергија која ќе се добива со помош на водород, а почетната автономија од 480 километри со дополнителната опција се зголемува двојно
Електричните автомобили добиваат се поголем публицитет во автомобилската индустрија, а трендовите наметнати од главните актери отворија можност и за сериозни активности во сегментот на пик-апи.
Популарноста на овој вид автомобили во Северна Америка им дава право пред се на американските производители навреме да подготват проект со кој би стигнале до добар процент од пазарниот удел, а нов член на друштвото потенцијални електрифицирани пик-ап успеси е Nikola Badger.
Откако Tesla ја актуелизираше темата со Cybertruck, Ford потврди дека подготвува електричен F-150, a GM го најави Hummer за со „Супер Боул“ реклама, на сцена стапи и Nikola, кој во браншата е познат како производител на камиони на водороден погон.
Дека инженерите на Nikola се сериозни во обидот да ги засенат ривалите говори и фактот што компанијата најави премиера на верзијата за сериско производство веќе во септември, а уште во моментов се познати голем број детали од спецификацијата.
Според истите, Nikola Badger ќе биде моќен електричен пик-ап со постојани 455 коњски сили и можност да стигне до дури 906 коњски сили во одредени моменти, вртежниот момент ќе биде 1.300 Nm, а забрзувањето од 0 до 100 км/ч ќе изнесува само 3 секунди.
Погонот на Badger е интересна комбинација бидејќи електро-моторите ќе користат енергија од 160 kWh батерија и друг извор на енергија која ќе се добива со помош на водород, а почетната автономија од 480 километри со дополнителната опција се зголемува двојно.
Пик-апот на Nikola е долг 5,9 метри, може да влече приколка до 3,6 тона, а има и друга интересна карактеристика, според која може да генерира енергија, па пик-апот може да се користи и на позиција како извор за енергија за осветлување или друга техника во рок од 12 часа.
Компанијата најави дека сериското производство на Badger е планирано во производствени капацитети на друг субјект кој ќе има блиска соработка со Nikola, а чие име не е објавено.