Новитети
Nio претстави електричен луксузен седан со автономија од околу 1.000 километри
Кинескиот производител Nio го претстави електричниот луксузен седан кој ќе биде познат како ET7 и ќе биде сериозен играч на кинескиот пазар, како и нов ривал на Tesla, кој од неодамна има производство и во оваа азиска земја.
Nio ET7 e долг 5.098 милиметри, а располага и со моќен електричен погон кој испорачува 480 kW и максимален вртежен момент од 850 Nm. Спринтот до стотка трае 3,9 секунди, а со помош на 150 kWh батеријата, автономијата надминува 1.000 километри (според NEDC).
Седанот ќе биде достапен и со 70 kWh и 100 kWh батерии, како и со системот за автоматско менување на батеријата на специјални пунктови, со што ќе се елиминира времето за нејзино полнење.
Покрај луксузниот амбиент во кабината која е замислена како „втора дневна соба“, Nio ET7 може да се пофали и со врвна и напредна технологија за автономно управување.
Целосно подготвен за самостојна контрола на автомобилот, системот на ET7 е составен од 33 напредни сензори, 11 камери со висока резолуција, 12 ултрасонични сензори, пет радари, LiDAR технологија и четири Nvidia Orin платформи.
На централната конзола е поставен 12,8-инчен екран осетлив на допир, Nio ET7 располага и со аудио-систем со 23 звучници, како и вештачка интелигенција во рамките на инфо-забавниот систем.
Во сериската опрема на луксузниот седан ќе биде вклучена и интелигентна воздушна суспензија, која благодарение на радарскиот систем ќе се адаптира според подлогата, а Nio тврди дека автомобилот без проблеми ќе освои пет ѕвезди на Euro NCAP тестот.
Производителот Nio е формиран во 2014 година, со цел да се наметне како премиум избор меѓу електричните автомобили. Покрај седиштето во Хефеи, Nio има свои претставништва на повеќе континенти, меѓу кои и европското во Минхен, a минатата година продаде 36.721 автомобил на кинескиот пазар.
Повеќе содржини за електрични модели: