Стории
Нова LiDAR технологија на Nissan овозможува автономно управување и на брзини до 130 km/h
Новите LiDAR сензори го зголемуваат вертикалното видно поле над 25 степени, споредено со 10-те степени во денешните LiDAR системи. Исто така, зголемена е и далечината за детекција пред возилото од 150 на 300 метри.
Nissan неодамна претстави напреден LiDAR систем за кој тврди дека ќе може да спроведува маневрирање и управување на возилата при високи брзини, без потреба од управуање од страна на возачот.
Напредниот систем за асистенција при возењето ќе дебитира во 2025 година и е дел од обидите на производителот до крајот на декадата безмалку секој модел во гамата да биде опремен со напредни LiDAR системи.
Инженерите на Nissan демонстрираа прототип возило опремено со технологијата во Опама, тест центарот на Nissan кој се наоѓа јужно од Токио.

При демонстарциите, моделот Nissan Skyline опремен со новата технологија вешто избегнуваше возила, пречки на патот и експресно и навремено сопираше при ненадејна појава на пешаци на патот.
Највпечатлив е фактот дека сите овие маневри прототип моделот на седанот успеал да ги реализира при брзини од 100 километри на час, дури и во ситуации кога во возилото воопшто немало возач.
Системот вклучува LiDAR технологија која овозможува автономно управување на возилото во одредени ситуации, како оставање на патници пред влез од зграда или хотел и возење по кружни текови, во ситуации кога коловозните ленти не се јасно обележани. За да го оствари ова, системот користи Dynamic SLAM технологија. Акронимот SLAM означува “симултано локализирање и мапирање”.

Тецува Ијима, директорот одговорен за системите за асистенција во Nissan, вели дека ниту еден друг производител нема развиено LiDAR технологија способна за ваква автономија на управувањето при толку големи брзини. Тековните системи, според него, опфаќаат само рутинско возење при предвидливи услови.
Дури и при третото ниво на автономија, возачите, сепак, мора да бидат подготвени да ја преземат контролата над возилото за миг.
“Купувачите сакаат возило кое нема да направи сообраќајна незгода. Тие го очекуваат тоа од возилата со автономно управување”, додава Ијима.
“На пример, додека возите по автопат, може да се случи автомобилска гума да ‘полета’ кон вас и вие мора да бидете подготвени за такво нешто, дури и при третото ниво на автономија. Но, премногу е тешко со технологијата да се опфат сите комбинации и сите можни сообраќајни незгоди. Наш предизвик е да ги предвидиме сите маневри при непредвидливи ситуации.”
Nissan ја демонстрираше технологијата при брзини помеѓу 60 и 100km/h. Но, според Ијима, технологијата е применлива и при брзини од 130 km.
Тестното возило е опремено со 10 камери, седум радарски сензори и еден LiDAR сензор, поставени во голема кутија на покривот од возилото. Компјутерската опрема, пак, е сместена и го зафаќа целиот багажнен простор, и половина од задниот ред на седишта во седанот.
LiDAR системот е развиен во соработка со Luminar Technologies, компанија која е основана во 2012, а во последните неколку години предводи во трката за развој на технологија за автономно управување.
Новите LiDAR сензори го зголемуваат вертикалното видно поле над 25 степени, споредено со 10-те степени во денешните LiDAR системи. Исто така, зголемена е и далечината за детекција пред возилото од 150 на 300 метри.
Еден од големите предизвици е намалувањето на трошоците за скапата технологија.
Денес, еден LiDAR сензор чини околку $1,000. За да биде имплементиран во голем број на возила, цената мора да биде помалку од $300, вели Ијима. Но, според него, трошоците бргу ќе опаднат, наведувајќи го примерот со радарските системи кои пред 25 години чинеле повеќе од $1,000, а сега нивните цени се под $100.