Slide
Slide

Вести

Новата генерација на компактот 308 пристигна во салонот на Еуроимпекс

Slide
Slide

Споредено со претходникот, новиот 308 порасна за безмалку 11 сантиметри во должина. Сега знакот со новото лого е позициониран на решетката од ладилникот која е значително зголемена.

13/01/2022

Новиот Peugeot 308 беше лансиран минатото лето, а од неодамна првите примероци (во GT ниво на опрема) на популарниот компакт пристигнаа и во нашата земја. 

Peugeot веќе една деценија работи на модернизација на брендот преку имплементирање на модерен и допадлив дизајн, кој полека, со воведување на секој следен модел, стана и заштитен знак на брендот. 

Но, со оглед на генерацискиот циклус на моделите во автомобилската индустрија, овој процес не можеше да се спроведе за кусо време. Затоа, десетина години подоцна, преку лансирањето на новиот 308, Французите конечно ја заокружуваат целината и визуелниот идентитет на целото свое портфолио.

Стратегијата за повисоко позиционирање на Peugeot од останатите масовни брендови беше апострофирана минатата година кога брендот го воведе и новото лого.

Но, покрај репозиционирањето на брендот, секој модел води битка во својот сегмент. Бројките покажуваат дека Французите, преку новата генерација на 308, во вистински момент добија засилување во компакт класата.

Имено, претходната генерација на компактот, иако беше најпродаван во сегментот пред две години во Франција, сепак, во Европа се најде на 6-тото место, пред Seat Leon и Renault Megane.

Но, од минатото лето, со лансирањето на новиот 308 се сменија правилата на игра. Новата генерација има многу повеќе простор, технологија и ултра модерен дизјан. Токму новиот дизајнерски правец, судејќи според успехот на останатите модели на брендот, очигледно ги придобива купувачите.

Споредено со претходникот, новиот 308 порасна за безмалку 11 сантиметри во должина. Сега знакот со новото лого е позициониран на решетката од ладилникот која е значително зголемена. Во логото се маскирани радарските сензори, кои се предуслов за функционирање на дел од системите за асистенција при возењето. Кај новиот 308, LED светлата се вклучени во серија, а најновата генерација на LED Matrix технологијата е достапна како опција.

Во внатрешноста на новиот 308 доминира препознатливиот i-cockpit, а во зависност од нивото на опрема, дигиталната инструмент табла може да проектира информации во 3D. Во тој случај, најважните информации, како што е брзината или системот за навигација, “лебдат” над дисплејот.

Подесно во кабината, 10-инчниот инфотејнмент дисплеј е поставен нешто пониско. Peugeot ветува поголема респонзивност на екранот како резултат на новата генерација на софтвер. Тој вклучува виртуелни копчиња, чија функција може индивидуално да се конфигурира, во зависност од преференците на возачот. Под него, во моделите со автоматската трансмисија е вградена малата рачка (shift-by-wire) за менување на степенот на пренос.

Што се однесува до комфорот, возачот и патниците имаат доволно простор во сите насоки. Меѓуоскиното растојание, кое е за 55 милиметри зголемено, овозможува повеќе простор за нозете за патниците на задната клупа.

Погонската понуда ја сочинуваат бензинските (PureTech) и дизел (BlueHDi) мотори, како и плаг-ин хибрид со значителни 69 километри електрична автономија според WLTP. 

Peugeot 308 е поставен на EMP2 платформата на Stellantis, која е основа и за сестинските DS4 и Opel Astra. Taa e примарно конфигурирана за изведби со мотори со внатрешно согорување и хибриди. Но, во исто време може да биде основа и за производство на возила со електричен погон. Во случајот со 308, тој се очекува да пристигне подоцна.

Новата генерација, очекувано, е опремена со широк спектар на системи за асистенција при возењето, кои се дополнети и со функцијата за автоматска промена на коловозната линија по активирање на трепкачот, како и адаптирање на брзината на темпоматот при влегување во свиоци. 

Освен вкусовите на купувачите, новиот 308 ги освои и симпатиите на жирито на најреномираниот aвтомобилски избор, па се најде помеѓу финалистите за престижната награда “Европски автомобил на годината”. За резултатите од изборот ќе мора да почекаме до почетокот на март, а оние нестрпливите можат самите да ги креираат своите впечатоци за новиот 308, преку посета на изложените модели во салонот на Еуроимпекс.

Slide 1
Slide
Slide
Slide
Slide
Slide 1

Најнови содржини

MMA и MB.EA платформите ќе овозможат 10 kWh потрошувачка на 100 km за електричните модели на Mercedes
Renault ги зголеми на цените на моделите за 7%, а ги намали фиксните трошоци за 2 милијарди евра
Раст од 7% на продажбата на Citroën во 2021, и покрај кризата со недостиг на полупроводници
Porsche, независно од Audi и Bentley, развива електричен знаменосец со кодно име K1