Вести
Новиот Opel Movano, кој е за 11% поштедлив во однос на претходникот, пристигна во Македонија
За разлика од претходната генерација, која беше поставена на платформа на Renault, новата генерација на Movano e поставена на нова платформа на Stellantis, која овозможува помали трошоци за одржување.
Вчера генералниот застапник за Opel, компанијата Еуроимпекс одржа настан на кој беше претставен новиот Opel Movano, најголемиот ван во комерцијалната гама на брендот.
Компанијата го искористи настанот за да ја прикаже целата комерцијална гама, која започнува од најмалиот модел – Corsa Van, потоа Combo, Vivaro, и секако, најголемиот – Opel Movano, кој има максимален товарен волумен од 17 метри кубни.
Opel, кој е дел од Stellantis групацијата, инвестира многу кога е во прашање комерцијалната гама. Имено, неодамна, компанијата објави дека ги испорачале и првите ванови со погон од водородни ќелии и батерии за достигнување на автономија од 400 километри.
За разлика од претходната генерација, која беше поставена на платформа на Renault, новата генерација на Movano e поставена на нова платформа на Stellantis, која овозможува помали трошоци за одржување.




Новата генерација е слична на останатите големи ванови на групацијата Stellantis, како што се Citroën Jumper, Peugeot Boxer и Fiat Ducato, кои се произведуваат во Sevel Sud фабриката во јужна Италија. Movano, пак, се произведува во фабриката на Stellantis во Гливице, Полска.
Досега моделот Movano се произведуваше во фабриката на Renault во Батили, Франција, заедно со Renault Master и Nissan NV400.
Со оваа промена, целата комерцијална гама на Opel е префрлена на платформи на Stellantis. Ванот со средна големина – Vivaro, до 2019 година беше поставен на платформа на Renault, а малиот Combo – уште пред четири години ја напушти платформата на Fiat. Откако стана дел од тогашната PSA групација (сегашна Stellantis), Opel бележи зголемена продажба на своите комерцијални возила.
Новиот Movano е биде достапен и како електрична изведба, исто како и останатите ванови на Stellantis групацијата. Movano има електричен мотор од 90 kW, а купувачите може да изберат помеѓу батерија со капацитет од 37 или 70 kWh. Автономијата со помалата батерија изнесува 116 километри, додека оние кои ќе ја изберат поголемата ќе може да поминат 224 километри со едно полнење. Максималната брзина е 110 km/h.


Најпродавана изведба на Movano се очекува да биде онаа со 2.2-литарски дизел мотор која доаѓа во две верзии – со 121 hp и 165 hp.
Од Opel информираат дека новата генерација има помали трошоци за одржување, споредено со претходната генерација. Трошоците за одржување и поправки се 20% пониски, а трошоците за гориво се за 11% пониски.
Како и досега, Movano ќе може да се нарача во 4 различни должини и три различни висини на кабината. Достапни се и трите различни каросериски изведби. Во текот на годинава ќе може да се нарачаат и специјални адаптации на кабината за одредени намени.
За време на настанот, продукт менаџерот за Opel, Г-динот Драган Јовев и извршниот директор на Еуроимпекс, Г-динот Зоран Серафимовски, имаа прилика одблизу да нѐ запознаат со карактеристиките на новиот Movano и целата комерцијална гама на брендот.