Новитети
Новиот Peugeot 208 пристигнува во електрична, бензинска и дизел верзија
Peugeot 208 се истакнува и со поспортска конституција изразена преку силуетата и предниот дел со специфични LED светла.
Втората генерација на Peugeot 208 блесна во Женева со сјај кој најавува еден посебно важен модел и автомобил чии квалитети ќе донесат нова позитивна пресвртница во модерната историја на францускиот бренд.
Во ситуација кога во продажните салони не стивнува воодушевувањето од новиот 508, Peugeot реши да испорача нова доза возбудувања и љубопитност за своите купувачи.
Peugeot 208 е важен не само поради одличниот статус кој го има во својата класа, туку и поради продолжување на процесот во кој логото со лавот со себе носи и се повеќе премиум квалитети, но пред се, храброста на производителот да испорача и прва целосно електрична изведба која ќе биде позната како е-208.
Сето ова објаснува зошто Peugeot 208 со право влезе во друштвото на најголеми ѕвезди на Саемот во Женева и предизвика голем интерес со начинот на кој се надградени утврдените квалитети и предности, но и со дизајнот кој ќе биде запишан како уште еден од многуте успеси на тимот предводен од Жил Видал.
Притисокот за 208 е голем бидејќи конкуренцијата во сегментот е жестока, ривалите имаат свои адути, но се чини дека самоувереноста е реален отсјај на потенцијалот кој со себе го носи ова Peugeot.
Модуларната CMP платформа е основа на новиот 208, а покрај фактот што овозможува вградување на електричен погон, таа носи и намалување на тежината и подобри возни карактерис- тики во однос на претходната генерација.
Дизајнерските решенија ја прават новата генерација доволно различна од претходникот, истите го следат атрактивниот пристап на поголемиот 508, а Peugeot 208 се истакнува и со поспортска конституција изразена преку силуетата и предниот дел со специфични LED светла.
Во зависност од нивото на опременост варираат и одредени елементи во кок-питот и кабината, но Peugeot овојпат отиде уште подалеку во однос на изборот на материјали и декоративни додатоци, а процесот на дитигализација само дополнително го заокружува полуксузниот амбиент.
Французите не отстапуваат од i-Cockpit концептот, кој во својата најнова 3D интерпретација ќе ги импресионира возачите на новиот 208, a на централната конзола ќе биде стациониран 7 или 10-инчен екран осетлив на допир.
Поврзувањето со телефоните е уште полесно преку Apple CarPlay и Android Auto, a Peugeot го вметна и безжичното полнење на телефон на вообичаената позиција на средина на конзолата.
Малиот Французин напредува и во однос на безбедносните и возачките системи, па списокот на кој се наоѓа не само автономното сопирање, туку и адаптивниот круз-контрол ја потврдува технолошката еволуција, нагласувајќи ја современата интенција за што порелаксирачко, но и побезбедно управување.
Бензинските изведби ќе бидат најпопуларни кај Peugeot 208, а во игра се 1.2-литарските трицилиндерци со 75, 100 и 130 коњски сили, додека фановите на дизелот можат да се одлучат за 1.5-литарскиот BlueHDi со 100 коњски сили.
Во комбинација е и новата осум-степена автоматска трансмисија на Aisin која веќе дебитираше кај 508. Вистински специјалитет на овој модел е електричната изведба (е-208), револуционерот во сегментот кој ја најавува електрифицираната иднина на автомобилите.
Батеријата со капацитет од 50 kWh овозможува автономија од 340 километри (WLTP), нејзиното полнење преку обична домашна инсталација трае 16 часа, додека преку брз полнач може да се добијат 80 проценти за половина час. Позицијата на батеријата овозможува задржување на истиот капацитет на багажникот.