Стории
Новите модели на Nissan ќе имаат специфична хибридна технологија, различна од таа која ја користат конкурентите
e-Power технологијата на Nissan е алтернативна на хибридните погони кои ги користат ривалите.
Менаџментот на Nissan верува дека побарувачката за хибридни автомобили ќе потрае и во следните години. Затоа планира да лансира поголем број на плаг-ин хибридни модели.
Одлуката е во линија со верувањето дека голем дел од потрошувачите во Европа, сепак, и по 2030 година ќе продолжат да купуваат возила со мотори со внатрешно согорување. Заради тоа Nissan ќе продолжи да развива и продава плаг-ин хибридни модели, во време кога конкурентите целосно се посветија на електричните погони.
“Прашање е за колку време Европа ќе стане пазар на кој ќе се купуваат само електрични возила?” – прашува Жилам Картие, регионален директор на Nissan, во чија надлежност спаѓа и Европа.
“Некои земји, вклучувајќи ја и Велика Британија имаат строга регулатива, па таму може да се очекува хибридите да бидат забранети по 2030 година. Но, во централна Европа, сликата е драстично различна.” – додава тој.
Заложбата на Nissan да произведува 100% електрифицирани возила – што значи или електрични или хибридни модели, е слична на онаа на јапонскиот гигант Тoyota, од каде најавија дека барем половина од нивната продажба во Европа до 2030 година ќе биде без Co2 емисии.
Nissan годинава ќе лансира дури три нови хибридни модели: Qashqai e-Power, Juke hybrid, како и големиот SUV X-trail e-Power.
e-Power технологијата на Nissan е алтернативна на хибридните погони кои ги користат ривалите. Разликата е во тоа што 1.5-литарскиот мотор со внатрешно согорување не е директно поврзан со погонот кој ги движи тркалата. Наместо тоа, погонот ја полни вградената батерија, која го напојува моторот, кој, пак, ги движи тркалата. Ова е систем, наречен “series set-up”, при кој моторот директно не ги придвижува тркалата.
Според претставници на Nissan, ваквата технологија овозможува попријатно доживување при возењето, кое е слично на она при возење на комплетно електричен автомобил.
За разлика од овие модели, хибридната изведба на Juke користи конвенционален хибриден погон, сличен на оној кој го користи сестринскиот модел Renault Captur E-Tech. Renault е еден од многуте брендови кои ветија дека по 2030 година ќе престанат со производство на возила со внатрешно согорување.
Nissan, освен најавените три хибриди, најави лансирање на дури 15 електрични модели во Европа до 2030 година. Подолу се дел од потврдените модели:
- Замена за компактот Leaf, кој ќе се произведува во фабриката во Сандерленд. Се очекува новиот модел да има SUV изглед, а ќе биде претставен во 2024 година
- Веќе најавениот модел Ariya, кој, доколку сѐ оди според планот, би требало да биде лансиран ова лето
- Компактниот ван Townstar, сестрински модел на Renault Kangoo, кој оваа година ќе го замени ванот e-NV200
- Mало градско возило, замена за Micra, кое ќе биде поставено на CMF-BEV платформата, а ќе пристигне во 2025 година.