Slider

Вести

Octavia пристигна во Македонија: Бестселерот на Škoda го надгради победничкиот рецепт

Slider

Octavia порасна за 19 милиметри во должина и 15 милиметри во широчина, долга е вкупно 4.689 милиметри, а меѓуоскиното растојание стигна до 2.686 милиметри

25/06/2020

Škoda ја претстави новата генерација на бестселерот Octavia, не криејќи ги големите амбиции на автомобилот кој постојано успева да ги поместува стандардите.

Сето она што сме сметале дека е повеќе од доволно кај претходникот, добива надградба кај наследникот, Octavia постојано приредува пријатни изненадувања, докажувајќи дека е ослободена од било каков комплекс и не сака непотребни лимитации.

При вообичаениот „скаутинг“ на купувачите и нивната математика за односот вложено-добиено, Octavia секогаш е во најтесниот избор. „Проблемот“ е во тоа што тешко може да ги игнорирате нејзините вредности и благородниот пакет кој се добива, посебно што делува во меѓусегмент, во кој ниту еден друг модел нема таква традиција на докажана издржливост и побарувачка на пазарот на користени автомобили.

Она што се промени во однос на последниот пат кога пишувавме за овој автомобил, е дека четвртата генерација на Octavia пристигна во продажната мрежа на „Порше Македонија“ во нашата земја и веќе си го зазема заслуженото место во салоните на македонскиот импортер.

Лично се уверивме дека автомобилот кој дебитира во една комплицирана ситуација на глобално ниво има долг список адути кои е тешко и да се набројат одеднаш.

Octavia порасна за 19 милиметри во должина и 15 милиметри во широчина, долга е вкупно 4.689 милиметри, а меѓуоскиното растојание стигна до 2.686 милиметри, при што Škoda го користи секој дополнителен милиметар за да ја подобри позицијата на патниците на задната клупа, кои сега можат да сметаат и на позитивен ефект од трозонската клима.

Покрај многу поелегантната силуета, амбиентот во кабината е минималистички, посебно во изведбите со автоматска трансмисија, каде дизајнот на контролерот за DSG ослободува многу повеќе слободен простор.

Секој возач ќе биде задоволен и од дизајнот и функционалноста на новиот двокрак волан, но и од функцијата на панелот за безжично полнење на мобилен телефон.

Возачот пред себе има дигитална инструмент табла, може да смета на 8,25 или 10-инчен централен екран кој рамноправно го опслужува и совозачот, а на располагање е и хед-ап проекција за оние кои сакаат таква опција.

Багажникот стигна до почетни 600 литри, што е навистина застрашувачка бројка и простор кој ви гарантира реализација на сите семејни планови. За разлика од голем дел од конкуренцијата, овде членовите на семејството нема да треба да се расправаат за тоа кој ќе се откаже од дел од своите „неопходни“ предмети за летниот одмор.

Понудата на мотори нема да разочара никого, бидејќи оние кои преферираат дизел, ќе можат да одберат меѓу изведбите со 115 и 150 коњски сили (двата со 2.0-литарска зафатнина), додека засега е достапен еден бензински мотор, односно 1.5-литарскиот TSI со 150 коњски сили и систем за повремена деактивација на два цилиндра, со што се добива поголема економичност.

Почетната цена со бензинскиот мотор е 19.700 евра, додека подостапниот дизел стартува од 21.200 евра, но купувачите можат да очекуваат и уште подобра понуда во промотивната кампања за Octavia.

Додека ние полека се адаптираме на новиот начин на функционирање во присуство на опасниот вирус, конкуренцијата во браншата ќе мора да се адаптира на новата Škoda Octavia, бидејќи таа пристигна за да доминира.

Ако не верувате, пробајте да држите дистанца кога ќе ја сретнете.

Фановите на Octavia можат да дознаат дополнителни информации и од следното видео

Најнови содржини

Slider
Slider
Slider
Slider