Вести
Одредени седумте финалисти за наградата „Европски автомобил за 2021 година“
Европското новинарско жири ги одреди седумте финалисти во изборот за Европски автомобил на годината, со што се вжештува трката за најпосакуваната автомобилска награда која традиционално ќе биде доделена во март.
Шеесетина новинари од 23 европски земји избираа од 29 претходно филтрирани кандидати, за кои главни услови беа да бидат целосно нови генерации или модели, односно да бидат достапни во најмалку пет земји во периодот кога се гласа.
Седумте финалисти се Citroën C4, Cupra Formentor, Fiat 500, Land Rover Defender, Skoda Octavia, Toyota Yaris и Volkswagen ID.3, што носи навистина интересна и многу различна понуда за жирито, чии членови треба да распределат вкупно 25 бодови за барем пет од седумте понудени модели.
Изборот „Европски автомобил на годината“ датира од 1964 година, основниот извор за финансирање се девет влијателни магазини од девет земји, жирито истакнува дека не прифаќа никакви спонзорства од производителите и не му го наплаќа користењето на логото на победникот и финалистите за комерцијални цели.
До прогласувањето на победникот за 2021 година некаде на почетокот на март, актуелен освојувач на признанието останува Peugeot 208.