Стории
Оливер Зипсе, директорот на BMW предвидува дека големите екрани постепено ќе “исчезнат” од автомобилите
За време на овогодинешниот CES, BMW го претстави i Vision Dee концептот, кој има "head-up" дисплеј, преку кој информациите се проектираат директно на подножјето на ветробранското стакло.
Автомобилските производители додаваат сѐ поголеми екрани во своите автомобили, но извршниот директор на BMW смета дека тоа е грешка, и дека трендот наскоро ќе заврши.
“Најголем причинител за сообраќајните незгоди е невниманието на возачите, а не брзото возење”, изјави тој за време на прес конференција на овогодинешниот CES.
Зипсе е “апсолутно уверен” дека екраните поставени на централната конзола кои наметнуваат потреба возачот да го тргне погледот од патот за кратко време ќе заминат во историјата.
“За 10 години ќе ги нема”, додава тој. “Веројатно и регулаторите нема повеќе да ги дозволуваат”.
Согласно предвидувањата на директорот, и автопроизводителот од Минхен очигледно се подготвува за вакво сценарио.
Имено, на CES, BMW го претстави i Vision Dee концептот, кој има “head-up” дисплеј, преку кој информациите се проектираат директно на подножјето на ветробранското стакло.
Тековните вакви екрани проектираат само мал број информации на ограничен дел во во долниот дел на ветробранските стакла. Доколку дел на кој тие се проектираат се прошири, може да се креира многу посуштинско презентирање на информациите во линија на погледот на возачот, при што тој не би имал потреба да го оттргне погледот од патот.
“Со нашата нова технологија, сите патници во возилото ќе имаат можност да ги следат информациите кои се проектираат на ветробранското стакло, дури и патниците на задната клупа”, изјави Домагој Дукец, директорот за дизајн на BMW за време на прес конференција во Минхен минатата година.
Најавениот “head-up” дисплеј ќе дебитира во возилата на BMW заедно со платформата “Neue Klasse”, во 2025 година. Првите две возила на оваа платформа ќе бидат еден седан и еден кросовер.
“Луѓето не внимаваат на патот додека возат, нивното внимание го привлекуваат мобилните телефони и екраните во возилата”, додава Зипсе.
“Ние сметаме дека е погрешно доколку треба да гледате надолу кон централната конзола додека го управувате своето возило”, додава тој.
Тој истовремено ја опишува платформата “Neue Klasse” како квантен скок во однос на дизајн, технологија и одржливост.
Стефан Дурак, директор на одделот за развој на BMW смета дека технологијата треба да овозможува и олеснува возењето, а не да го попречува.
“Кога интегираме технологија во возилата, ние го земаме предвид корисничкото искуство кое таа го креира и проблемот кој сакаме да го решиме”, изјави Дурак. “Ние отвораме нов канвас за презентација на информацијата на нов и позначаен начин”.